Велики петок од Страсната седмица на Великиот пост (06.04.2007)
„Оче прости им, не знаат што прават!“ (Лука 23, 34)
На Велики петок Црквата ги спомнува светите спасителни и страшни страданија и смрт на Господ Исус Христос, Кој волно заради нас ги претрпе. Православната Црква во овој голем ден свештените настани поврзани со спасението на светот ги одбележува со богослужби: пленението на Спасителот во Гетсиманската градина и Неговото осудување од првосвештениците и старешините на страдание и смрт – со Утрената богослужба; одведувањето на Спасителот на суд кај Пилат – со Првиот час; осудувањето на Господа од страна на Пилат – Третиот час; крсните страдања Христови – Шестиот час; Неговата смрт – Деветтиот час; и симнувањето на Телото Христово од Крстот – со Вечерната богослужба.
На Утрената богослужба на Велики петок Црквата свечено благовести за страданието и смртта на Богочовекот во 12 Евангелски чтенија, наречени Страсни евангелија. Чтението на 12 Евангелија на Велики петок го има својот почеток од апостолското Предание.
На Велики петок не се служи Литургија, затоа што тој ден самиот Господ се принесе Себеси на жртва, туку се служат Царски часови. Вечерната богослужба се служи во третиот час од денот, часот на смртта на Исус Христос на Крстот, а во спомен на симнувањето од Крстот на Телото Христово и Неговото погребение. На Вечерната служба свештенослужителите ја креваат плаштаницата (која Го изобразува Христос како лежи во гроб) од Престолот, како од Голгота, и ја изнесуваат од олтарот на средината на храмот. Плаштаницата се става врз гробница – посебно подготвена маса. Потоа свештенослужителите и сите кои се собрани на молитва во храмот се поклонуваат пред плаштаницата и ги целиваат раните на врз неа изобразениот Господ – Неговите прободени ребра, раце и нозе. Плаштаницата стои на средината на храмот во текот на три (неполни) дена, означувајќи го на тој начин тридневното пребивање во гробот на Исус Христос.
фреските се од црквата на св. Георгиј, Старо Нагоричане