Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденска порака на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил (06.04.2007)

ПО ПОВОД ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН НЕГОВОТО ВИСОКО ПРЕОСВЕШТЕНСТВО МИТРОПОЛИТОТ ПОЛОШКО-КУМАНОВСКИ Г. КИРИЛ ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ НОВИНАРИ ОД ПОЛОШКО-КУМАНОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ЗА БОГОЉУБИВИОТ НАРОД ЈА УПАТИ ВЕЛИГДЕНСКАТА ПОРАКА

 

ДРАГИ ДЕЧИЊА И МЛАДИНЦИ,

ВОЗЉУБЕНИ ВО ГОСПОДА БРАЌА И СЕСТРИ

ХРИСТИЈАНИ !

 

            Како богољубив народ, кого Господ го насадил да живее на просторот од библиска Македонија, многустолетно живееме и опстојуваме со вечните евангелски вистини на Воскреснатиот Господ Исус Христос.

            Празникот над празниците - Христовото воскресение - Велигден ни ги просветува и озарува нашите души и срца. Ова е голем спасоносен ден на нашето спасение. Ја славиме победата на правдата над неправдата, победата на светлината над темнината. Го славиме животот над смртта, бидејќи со Христовото воскресение ни се потврдува нашето сопствено воскресение. Господ Исус Христос воскресна заради својата безмерна љубов кон нас луѓето. Бог сака, ние, неговите духовни чеда, вечно да постоиме. На Велигден ја вдишуваме Христовата благодат што нè озарува со светлината од Неговото славно воскресение. Нашата Света Црква нè повикува да бидеме исполнети со воскресенска љубов и радост, затоа што „љубовта е исполнување на законот“ (Рим. 13,10). Потребни се конкретни дела на љубовта, да се почитуваме и да си простуваме. Со таквиот наш подвиг ја украсуваме и збогатуваме нашата Света Мајка Црква, а таа, пак, ги зајакнува македонските семејства и го надградува општеството на еден народ и на една држава. Таа ги штити правата на децата, правата на нашите мајки и сестри.       

Затоа и нашата Света Црква ни порачува дека празникот на Христовото Воскресение за нас е жива и животворна вистина, која нè охрабрува да живееме нов живот исполнет со радост и среќа, зашто сме синови и ќерки на вечната Светлина - на Бога. Таа Светлина денес, и во текот на сите велигденски празнувања и овогодишни јубилејни одбележувања, треба со сиот свој блесок да сјае во нашите души и срца.

            Со таа и таква светлина, браќа и сестри, живееме во слобода и твориме четири децении закрилувани под светиот Трон на нашата древна и славна Охридска архиепископија, од 1967 година возобновена и олицетворена во денешната наша автокефална Светоклиментова Македонска Православна Црква. Таа наша мајка Црква нè повика пред четириесет години, нас, нејзините сеоддајни македонски синови, чеда и ќерки, предводени од авангардното народно македонско свештенство, да ја исправиме големата нанесена историска неправда од 1767 година, да го обновиме нејзиниот автокефален статус, и со тоа да ја повратиме честа, гордоста и достоинството и на својот народ и на својата родна и мила Татковина - Македонија.  Таквата макотрпна извојувана полна црковно-духовна слобода денес ни помага и нè поттикнува заедно со ангелите да пееме и да торжествуваме: „Денес е спасението на светот, (спасението и на целиот благороден македонски род и пород), зашто Христос воскресна како Сесилен, и сиот род човечки го осветли, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им подари“. И навистина, тоа дојде преку новото историско воскресение и спасението за целиот македонски народ, и во Татковината, и насекаде каде што нè има, по сите меридијани од земјината топка.

            Нашите предци, а и сите ние денес, чедата на Македонија, каде да сме, нашата Македонска Православна Црква со векови ја препознаваме, ја доживуваме и ја живееме како дел од Распнатото, Погребано и Воскреснато Тело Христово. Што сè не е правено со столетија да бидеме засекогаш откопачени од македонските простори, одродени, обезимени и погребани. Господ е голем, сполај му Нему, воскреснавме за нов праведен и слободен живот, и како нација, и како суверена Македонска Држава, и како автокефална Света Црква. Да се откаже од името еден народ, да му го земеш името на еден народ - е исто што и да му ја земеш душата. А без душа нема живот. Чесните македонски синови и ќерки тоа нема никогаш да го дозволат. Само така ќе ја продолжиме нашата вечност и светост, а вечноста и светоста е привилегија само на најдоблесните синови и ќерки на еден народ. Затоа пред сè, сега, секогаш и во вечни векови, Му благодариме на Бога заради љубовта Негова кон нашиот  народ, Татковина и Света Црква, а и љубовта што ни ја дарува нам за да сочуваме сè што е свето македонско.

                       

БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,

 

            Како доследни наследници и продолжители на епохалните дела на нашите предци ја имаме и живееме довербата и верноста на нашиот побожен народ. Се радуваме на нашите млади кои, од година во година, сè побројно се препознаваат во Богочовечкиот и наш заеднички сенароден и црковен македонски организам на нашата Света Црква. Тоа нè обврзува нашата грижа за нашата младина да биде уште поделотворна. Младината е нашата иднина, и најголемото богатство. Затоа што преку идните генерации ја обезбедуваме вечноста на македонската нација.

            Усрдно се молиме за целиот наш род. Воскреснатиот Спасител да ги вдахнови младите да врват по патот на правдата, воспитувајќи се во духот на нашето свето Православие. Господ да ја чува нашата младина од застранување по лоши патишта, да ги умудрува возрасните и да ги укрепува повозрасните.

            Како Света Црква чувствуваме света должност да ги додадеме уште позбогатени, кон европските културни, нашите создавани многустолетни христијански дела, кои нè обележуваат како колевка на сесловенската христијанска писменост, духовност и култура. Во потврда на оваа вистина, поранешниот претседател на големата христијанска Русија, за чие претседателство Македонија беше призната под уставното име, ќе порача: „Да не беше Македонија, ние немаше да бидеме православни“.

 

     БРАЌА И СЕСТРИ,

           

Во ова од Бога дарувано и благословено 2007-мо Лето Господово сме повикани да одбележиме значаен јубилеј во нашата Света Црква. Се исполнуваат четириесет бериќетни години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква. Со импресивен восхит, како архипастир на мајката Црква, ја нагласуваме спасителната мисија и огромното дело што таа го изврши во Татковината и во дијаспората. Навистина, Господ досега беше, е, и да веруваме дека и за навек ќе биде со нас и дека ќе ја штити нашата правда и вистина. Споменот за соборно изразената волја на благочестивиот македонски народ и народно свештенство за обнова на својата автокефална црква во 1967 година - преставува светол историски чин, чија четириесетгодишнина веќе отпочнуваме да ја славиме.

            Да ја сакаме и да ѝ се радуваме на слободата. Господ да нè умудрува сите нас каде и да сме, искрено да ја сакаме и да и се радуваме на Татковината заради убавините коишто Тој ни ги дарувал во неа. Да ја сакаме и да бдееме над автокефалниот статус на нашата Света Македонска Православна Црква и уште повеќе да се вградуваме во нејзиниот развој и растеж.

            На сите наши верни чеда искрено и молитвено им го честитаме светлото Христово Воскресение - Велигден.

 

                                    ХРИСТОС  ВОСКРЕСЕ !

                              НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ !

 

 

                                                                                           Подготвил

отец Синиша Ристовски