Велика сабота (07.04.2007)
На Велика сабота Православната Црква го спомнува телесното погребение на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот.
Откако го симнаа од Крстот Го обвија во плаштаница со мириси, според јудејскиот обичај, Јосиф и Никодим го положија Пречистото Тело на Господа во нов гроб од камен во градината на Јосиф, која се наоѓаше недалеку од Голгота. На гробната врата положија голем камен. На погребението присуствуваа Марија Магдалина и мајката на Јакова и Јосија.
Првосвештениците и фарисеите знаеја дека Господ Исус Христос прорече за Своето воскресение, но не веруваа на тоа пророштво и се плашеа апостолите да не го украдат Телото на Господ Исус Христос и да не му кажат на народот: Воскресна од мртвите, па во сабота го замолија Пилат за воена стража, ја поставија на гробот и самиот гроб го запечатија и со тоа ѝ принесоа на вистината ново потврдување.
Свети Јован Златоуст пишува: „Христос беше положен во нов гроб, во кој никој пред тоа не бил положен, за да не би можело воскресението да биде припишано на некој друг кој би лежел заедно со Него; за учениците, заради блискоста на тоа место, лесно да можат да пријдат и да го видат она што се случило и заради тоа да не бидат само тие сведоци на погребението туку и непријателите. Тоа што биле ставени печати на гробот и поставена воена стража, тоа навистина од нивна страна (на непријателите) било сведоштво за погребението, бидејќи Христос сакал и Неговото погребение да биде не помалку неспорно од Воскресението. Затоа и учениците ревносно се трудеа да докажат дека Он навистина умре. Неговото Воскресение е потврдувано во сите идни векови: меѓутоа, ако Неговата смрт во тоа време беше скриена и не се покажа целосно извесна, тоа можеше да му наштети на словото за Воскресението.“
На Утрената служба на Велика сабота, по Големото славословие, при пеењето на „Свети Боже“ свештенослужителите ја изнесуваат Плаштаницата од храмот, со учество на народот, и ја носат околу храмот во спомен на слегувањето на Господ Исус Христос во адот и победата Негова над адот и смртта. Потоа, по внесувањето на Плаштаницата во храмот таа се внесува преку отворените Царски Двери во знак на тоа дека Спасителот неразделно пребива со Бог Отец и дека Тој со Своите страдања и смрт одново ни ги отвора вратите на рајот.