Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велики Петок во црквата на Светите Кирил и Методиј – Тетово (07.04.2007)

На Велики Петок Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски Г. Кирил отслужи Вечерна богослужба со повеќе свештенослужители од Тетовското Архиерејско Намесништво. По вечерната пред гробот Христов, од страна на митрополитот Кирил беа отслужени Статиите на Велики Петок.

 

 

                      

 

По отслужувањето на Статиите, следеше неговото обраќање:

 

„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух

 

Откако заедно со вас, возљубени чеда на Светата Светиклиментова Црква која ја слави четириесет годишнината од своето возобновување, да Му благодариме на Бога и достојно се радуваме и собираме во овој катедрален храм, и во нашите пресветли цркви и манастири.

 

Чеда, со молитвено бдеење ги проследивме дванаесетте Свети Евангелија во кои се опишуваат Светите Страданија на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Вчера ги слушавме Евангелските пораки во кои ни се откри Светата Тајна Евхаристија – востанувањето на односот меѓу Спасителот и човекот. Он ги собра дванеаесетте апостоли во Гетсеманската градина покажувајќи им на Светата Трпеза (на лебот) го благослови со Својата Света Десница и рече: „Земете, јадење, ова е Моето тело“. Потоа покажа на Светата Чаша, заблагодари, и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за простување на гревовите. “

 

 

                                        

 

 

Но за жал, истиот оној народ кој Му фрлаше палмови гранчиња, се радуваше со Него и ги следеше Неговите беседи, од истиот тој народ беше предаден да биде распнат на Крст. И денес, после такаречи 2000 години нека ни одѕвонуваат овие страшни мигови, кога Му ги коваа рацете и нозете на Крст, и беше прободен со копје во ребрата, а на главата Му ставија трнлив венец.

 

Еве денес, слава Му на Бога, го извршивме опелото и симболично се навративме на тие тажни мигови кога Спасителот на сите беше погребан.

 

Нека ни бидат вековити денешните Свети Дела, и во радост и молитви да го дочекаме Христовото Воскресение.

 

Амин!“

 

Потоа следеше трикратен вход околу Црквата при што се изврши и Христовото погребение, пропишано преку Типикот на Светата Православна Црква. На Светата Богослужба присуствуваа голем број православни верници од Тетово и тетовско. Обичај во Тетово е на денешен ден верниците да одат во трите активни цркви и да се поклонат пред плаштаницата на која е Телото Христово.  


Отец Синиша Ристоски