Воскресение Христово (08.04.2007)
Пред полноќ во Струмица, во соборната црква, посветена на Светите рамноапостолни сесловенски просветители Методиј и Кирил, на литијата на Полуноќницата на Христовото Воскресение Струмичкиот Митрополит г. Наум му подели светлина на многубројно притекнатиот верен народ, поздравувајќи го со најсветлите зборови дадени на човештвото ’Христос воскресе!’ Архиерејската Божествена Литургија на Воскресение Владиката ја отслужи во катедралната црква на манастирот Свети Леонтиј во Водоча. Вечерва црквите беа преплавени од мноштво народ во слава на Воскресението Христово. Празникот Пасха за нас претставува не само ден во кој се спомнува настанот што се случи пред околу два милениума, туку и празник што пред нас ја разоткрива тајната на идното обновување на созданието. Како што старозаветната Пасха беше „нејасен предобраз на предобразот“ (св. Григориј Богослов) т.е. на Воскресението Христово, така и сегашната Пасха, новозаветната Пасха, е предобраз на идното сеопшто воскресение, кога „ќе се причестиме посовршено и почисто, кога Словото со нас ќе пие ново вино во Царството на Отецот (Мат. 26, 29), откривајќи и предавајќи ни го она што денес ни го јавува делумно“. (св. Григориј Богослов)