Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Тетово (10.04.2007)

Уште од попладнето на Велика Сабота во Тетово се чувствуваше радост и среќа кај сите православни христијани од овој град во пресрет на најсветлата ноќ на светото Христово Воскресение.

 

 

         

 

 

Велигден во Тетово секоја година торжествено се прославува во сите градски цркви, но централната свеченост по повод најголемиот христијански празник Велигден беше одржана во соборната црква на светите Кирил и Методиј. Црквата онака голема и раскошна по својата убавина ширум ги отвори своите порти за да го прифати многубројниот народ, мајчински, како во прегратка, кој доаѓаше од сите тетовски маала како реки во големото македонско и христијанско море од верници коишто беа го исполниле дури и големиот црковен двор.

На свечената воскресна богослужба традиционално како и секоја година чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, во сослужение на старешината на соборната црква протоереј Предраг Исаевски и свештеници од Тетовското архиерејско намесништво.

Воскресната света архиерејска богослужба започна со громко биење на црковните камбани и на повикот на Неговото Високопреосвештенство „Дојдете и примете од светлината на животот!” сите присутни верници поитаа да ја запалат својата свеќа од свеќите во рацете на возљубениот наш митрополит Кирил.

 

            

 

Потоа беше направен трократен опход околу соборната црква на големата македонска православна река од верници, која како да го одразуваше блесокот на безбројните ѕвезди од небото, поради безбројните запалени свеќи кои го манифестираа треперењето и топлината на големото македонско благородно срце, восхитот и радоста заради Христовото Воскресение. Во оваа пригода пред присутните верници од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски Господин Кирил беше прочитано празничното послание на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.

Потоа беше отслужена воскресна утринска богослужба од која како од милозвучен ангелски хор се разлеваа пасхалните слаткопенија дури до тетовскиот плоштад, а громкиот и торжествен поздрав „Христос Воскресна!” одекнуваше дури до тетовското кале. Потоа беше отслужена Света Архиерејска Златоустова Литургија, на којашто голем број на верници пристапија да се причестат со Телото и Крвта на воскреснатиот Господ Исус Христос од рацете на митрополитот Кирил. 

На завршетокот од оваа Света Архиерејска Литургија се подели братско-сестринска трпеза на љубовта, на која беа повикани сите присутни верници.

 

известува: свештеник Синиша Ристоски