Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Воскресение Христово (11.04.2007)

Светлото Христово Воскресение во Дебарско-кичевската епархија беше прославено во повеќе градски цркви и селски парохии, со служење на Пасхалната утрена и Златоустовата Литургија.

Централната прослава се одбележа во Плаошкиот манастир на свети Климент Охридски Чудотворец и великомаченик Пантелејмон во Охрид. Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј богослужбата ја започна во 23.30 часот со Полуноќница, а потоа со запалување на трисвеќник ги повика верниците, кои пристапувајќи да ги запалат своите свеќи од Владиката – сите заедно излегоа на западните двери од храмот. Точно на полноќ со ѕвонот на манастирската камбана и пеењето на Велигденскиот тропар: Христос воскресна од мртвите... Владиката го означи почетокот на Христовото воскресение – свештенослужителите и верниците заедно многупати го пееја овој тропар, а потоа на верниот народ му беше прочитано Велигденското послание.

 

                                   

 

 

 

                      

 

Голем број на верници останаа да присуствуваат и на Светата Литургија, на којашто го завршија и велигденскиот пост со причестувањето со Светите тајни на Телото и Крвта на Господ Исус Христос. Светата Литургија беше завршена во 3.30 часот.

 

Вечерта истиот ден (08.04) со почеток во 17.00 часот, традиционално во катедралниот храм на Света Софија во Охрид Владиката со свештенослужители од епархијата отслужи Вечерна богослужба на која се читаше Евангелие на повеќе јазици: црковнословенски, француски, англиски, руски, латински, грчки, албански и македонски. По завршувањето на Вечерната служба Владиката г. Тимотеј заедно со свештенослужителите излегоа во црковниот двор, каде што на сите присутни верници им го честиташе светлото Христово воскресение, со зборовите: ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, а верниците одговарајќи: ВИСТИНА ВОСКРЕСНА, ги целиваа светиот крст и раката на Владиката. Верниците добиваа по едно велигденско црвено јајце од Владиката г. Тимотеј.

 

 

                      

 

 

Следниот ден, понеделник, - Втор ден Велигден, Владиката г. Тимотеј богослужеше Света Литургија во соборниот храм на светите Петар и Павле во Кичево. По завршувањето на богослужбата Владиката изврши и посета во манастирот на Пресвета Богородица – Пречиста, на игуменијата Агнија, на која, исто така ѝ го честиташе светлото Христово воскресение.

 

                    

 

 

                                                       

 

Трет ден Велигден Владиката г. Тимотеј го прослави во соборната црква на свети Георгиј во Струга, со Света Литургија на која на струшките верници им ги честиташе Велигденските празнувања.

 

 

                      

 

 

 

                                              

 

                                                                                                                             известува: свештеник Игор Никовски