Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска служба во Крива Паланка (12.04.2007)

На Велика Сабота во градската црква на светиот великомаченик Димитриј во Крива Паланка, беше отслужена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот господин Кирил, во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони.

Пред насобраните верници Митрополитот произнесе пригодна беседа:

„Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

По Божјо провидение во текот на ова од Бога дарувано и благословено 2007 лето Господово, сите наши овогодишни празници, еве вклучувајќи го и Празникот над празниците, Светлото Христово Воскресение, Велигден, во чие преддверие се наоѓаме, ќе бидат збогатени со поголем број содржини, ќе се зголеми двојно повеќе нашата духовна и сенародна патриотска радост, од причини што се исполнуваат четири децении, четириесет години од исправената голема историска неправда над нашата древна и славна Охридска Архиепископија, олицетворена во денешната наша Светиклиментова Македонска Православна Црква.

 

                  

 

Но, најнапред да спомнеме дека денес се собравме во овој свет Божји храм со цел молитвено, со најголема побожност да се поклониме пред ангелскиот лик на нашата заедничка духовна мајка Пресвета Богородица, а по повод празникот Благовештение.

На денешен ден за спасението на човечкиот род ни се откри големата тајна. Кога се исполнило времето претскажано од пророкот Даниил, светиот архангел Гаврил, Ѝ се јавил на Пресветата Дева, токму во моментот кога го читала Светото Писмо, и тоа книгата на пророкот Исаија. Архангелот Ѝ се обратил со зборовите: „Радувај се благодатна! Господ е со Тебе! Преблагословена си Ти меѓу жените, зашто Ти си Го родила Спасителот на нашите души.”

И навистина убава е нашата многустолетна и многуилјадна вера. Само пред една недела му се радувавме на празникот Лазарева сабота, кога Спасителот Господ Исус Христос, минувајќи низ градчето Витанија, на пат за Ерусалим, го воскресна својот голем пријател, праведниот Лазар, кој четири дена пред тоа беше починат и беше погребан во гроб. Со тоа видно ни ја покажа преобразбата дека и сите кои што се упокоени, при Второто доаѓање, по примерот на праведниот Лазар, ќе воскреснат за нов преобразен вечен живот.

 

                                            

 

А, најсилна потврда и за нашето Воскресение е Христовото Воскресение. Зашто, светиот апостол Павле, кој чекорел во првиот век во нашата родна и мила татковина, библиска Македонија, порачува: „Ако Христос не воскреснеше, залудна ќе ни беше нашата вера, залудна ќе ни беше нашата проповед”. По Лазарева сабота му се радувавме на празникот Цветници кога народот многуилјадно собран, држејќи во рацете палмови гранчиња воскликнуваше „Осана, нека е благословен Оној што доаѓа во Името Господово”. Се радуваше народот на доаѓањето на Бога, но навистина пакоста и човековата злоба немаат граници. Истиот тој народ, после неколку дена заразен од убиствените пропаганди на фарисеите и садукеите, на тогашните управители, извикуваше: “распни Го, распни”. На Утрената богослужба на Велики петок Ги следевме молитвено Дванаесетте страдални евангелија. На Велики Четврток ни се откри големата тајна, дека на тој ден Спасителот заедно со апостолите ја одржа последната Тајна вечера и преку покажувањето на лебот - „Земете јадете ова е Моето Тело кое за вас се прекршува“ - а потоа и благословувајќи ја со Својата спасоносна десница, чашата наполнета со вино - „пијте од неа сите ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која се пролева за Вас, за простување на вашите гревови” - ја воспостави Светата Тајна Евхаристија, Светата Тајна Причест.  

 

 

             

 

           

Вчера се поклонивме симболично пред Плаштаницата, пред Христовиот гроб и во сите моменти се молевме за себе, се молевме за нашите блиски, за нашите пријатели, за целиот наш богољубив македонски народ, за мир и благосостојба во нашата земја, за Господ да нè вдахновува, да ни дарува да се клониме од лоши мисли, од одмазди. Господ нека ги чуе, нека ги послуша нашите принесени молитви.    

            Ви благодарам што вака бројно дојдовте на овој празничен ден, заеднички да ја споделиме празничната и духовна радост. Дотолку повеќе, мојата благодарност што ви ја упатувам е неизмерна, зашто по Божјо провидение, точно пред 43 години во древниот манастир посветен на Пресветата Богородица во Кичевско, преку десната рака на обновителот на нашата света Црква, блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, на вчерашниот ден бев замонашен, а на денешен ден, на 07 април 1964 година ракоположен во јероѓаконски чин. Па се разбира после три години од ракополагањето да се најдам во редовите на Светиот Архиерејски Синод за да заедно со тие мудри белобради архиереи, а јас како релативно млад архиереј, на свои 33 години, да го ставам потписот во црквата на Пресвета Богородица во Охрид за донесената значајна голема историска одлука за обновата на светата наша Црква.

            Да ги носиме длабоко во нашите срца пораките, да го следиме примерот на нашата Пресвета Мајка Богородица, да нѐ следи Божјиот благослов преку молитвената закрила на Нејзиниот свет спасоносен омофор, па ноќеска, на полноќ сите заедно, со целата небесна ерархија да воскликнеме: „Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари” и да запееме: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу сите народи добра волја.”

            Со радост да си го дочекаме Празникот над празниците, Светлото Христово Воскресение. Амин.

 

известува о. Александар Смиљков