Манастир свети Јован Крстител - Бигорски (14.04.2007)
Според востановената традиција, во Бигорскиот манастир, на денот посветен на Божјата Мајка и Нејзиниот чудотворен извор, беше отслужена Златоустова Литургија со која свештеноначалствуваше архимандритот Партениј во сослужение со браќата свештеномонаси од Бигорскиот манастир и дебарскиот архиерејски намесник о. Благоја Спироски, а на која пееја сестрите од метохот во Рајчица. По Литургијата сите заедно со притекнатите гости во Литија се упатија до изворот со света вода (агиазма) над кој е подигнат Параклис посветен на Пресвета Богородица и на Нејзиниот Животворен извор, кој се празнува во петокот од Светлата седмица. Во близина на параклисот се наоѓа и пештера во која се подвизувал монахот Јован, ктитор на Бигорскиот манастир и првиот Архиепископ Охридски на возобновената Архиепископија за време на византискиот император Василиј II Вулгарофтонос. Пристапот како и градбата на параклисот континуирано се одржуваат и надградуваат под будното око на игуменот Партениј.
Во манастирот Бигорски неодамна беше завршена изградба и поплочување на Балдахин. Поставен е и мозаик, а со златни букви (од златни ливчиња од 22 карати) е изгравирано „БЛАГОСЛОВЕН Е ОНОЈ КОЈ ДОАЃА ВО ИМЕТО ГОСПОДОВО“. Поставени се и икони на Мајката Божја и на свети Јован Крстител, дар на сестринството на манастирот на Рождеството Христово, метох на Преображенскиот манастир од Бостон, Масачусетс, САД.
известува: јеромонах Доситеј