Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Светол Четврток (14.04.2007)

Во четвртокот од Светлата седмица, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј отслужи Света Литургија во црквата на свети Јован Богослов - Канео во Охрид, во сослужение на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински - охридски архиерејски намесник, свештеникот Љупчо Симиџиоски, свештеникот Игор Никовски, свештеникот Сашо Ристески и ѓаконот Димче Азески.

 

                                                      

 

 

 

 

                                 

 

На верениот народ, кој во оваа прилика традиционално се собира во голем број, Владиката г. Тимотеј се обрати со свечена празнична проповед, во која рече: „...Браќа и сестри православни христијани. Христос Воскресна и голема е нашата надеж. Господ Исус Христос разбуди голема надеж во срцата и душите на Своите ученици и последователи, односно кај сите Негови слушатели. Ги разбуди со Својот збор и со Своето богочовечко дело, кои им открија нова надеж на луѓето за нивниот севкупен живот... Најголемата надеж им беше дека ќе бидат спасени за вечен живот, дека Исус ќе ги искупи од власта на злото, и дека ќе ги направи нови луѓе, ослободени од власта на злото, за да примат сила за постојано препородување. Таа надеж Исус Христос им ја разбуди кај луѓето уште со првиот збор кон учениците, велејќи им дека Он ќе ги спаси луѓето... Исус Христос ја разбуди и надежта дека и тие што ќе поверуваат во Него ќе бидат воскреснати за вечен живот во последниот ден...“

Потоа најмалите христијани - дечињата - пристапија кон светата Чаша за да се причестат, а на крајот со пеењето на Христос воскресна од мртвите, Владиката г. Тимотеј го означи крајот на Светата Литургија. Потоа Владиката и свештенослужителите се упатија во манастирскиот двор, каде што извршија Водосвет.

Присутниот верен народ, дојден за овој ден во голем број, наполнија од осветената вода, а потоа сите со пеењето на велигденскиот тропар: Христос воскресна од мртвите, заминаа во своите домови.

 

             

 

известува: свештеник Игор Никовски