Без Македонската Црква нема опстој на народот и на државата (14.04.2007)
Најстариот архијереј по хиротонија во составот на Македонскиот православен Епископат и единствен жив потписник на историската Одлука на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, потврдена на Црковно-народниот собор во 1967 г. во Охрид, за возобновување на целосна духовна и канонска автокефалност на истата Охридска архиепископија, во лицето на денешната Свети Климентова црква МПЦ. Неговото Високопреосвештенство, митрополит Полошко-кумановски г. Кирил (Никола Поповски), е роден на 23.7.1934 г. во Царев Двор, Преспанско. Основно образование завршува во родното место, а Богословија во Призрен. Потекнува од патријахално православно семејство, чии предци дале дури 32 свештеника. Во очи на празникот Благовештение, на 6.4.1964 г., е замонашен во манастирот на Раѓањето на Пресвета Богородица, Кичево, а на празникот, блаженоупокоениот Архиепископ и возобновител на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, г.г. Доситеј, бил ракоположен за јероѓакон. Шест месеци потоа бил унапреден во архиѓакон. Во 1965 г., заедно со Неговото Блаженство патува за САД и Канада, каде на празникот Цветници, со поглаварот Доситеј ја осветуваат првата македонска црква во Торонто, Канада. Исто така, при оваа посета, на празникот Томина недела ја осветуваат втората македонска црква на Успението на Пресвета Богородица, во градот Колумбос, САД. По враќањето од патувањето митрополитот Кирил заминува за Москва, во Московската духовна академија во Загорск. По завршувањето на првиот степен на студиите е повикан да се врати во земјата за да исполни повозвишени црковно-духовни интереси за својот народ и татковина, за својата мајка - МПЦ. Подоцна студиите ги завршува на Теолошкиот факултет во Скопје. На 5.7.1967 г. Светиот синод го избира за викарен епископ на МПЦ, со титула Тивериополски. Како член на Синодот учествува во подготовките на опширниот елаборат за историските настани во Охрид, каде на 17 и 18 јули 1967 г. во црквата на Св. Климент Перивлептос", Синодот ед ногласно ја донесува историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на древната и славна Охридската архиепископија, олицетворена во денешната автокефална Маке донска православна црква. Оваа Одлука е потврдена од највисокото законодавно тело - Архие пископскиот црковно-народен собор. Одлуката ја потпишале: Архиепископот Доситеј, митро политите Климент, Наум, Методиј и Кирил, тогаш најмлад член на Синодот.
Оваа година по многу нешта ќе биде судбоносна, бидејќи сегашните услови се слични на притисоците кои врз нашата Света Црква ги правеле душманите на македонскиот народ и на разни начини се обидувале да го спречат возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. За тоа сведочат Вашите четиридецениски ангажмани!?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Летото 2007 Господово, во кое со Божја милост и помош туку што заодевме, е од особено значење за верните македонски чеда, без разлика каде и да живеат на Земјата. Сите годинашни празнични чествувања ќе бидат збогатени со значајни содржини и торжествено одбележување на 40-годишното творештво и растеж на нашата возобновена древна Охридска архиепископија, како автокефална Македонска Православна Црква.
На 17 и 18 јули 1967 г., во нашиот древен Ерусалим, во Охрид, ја поправивме големата историска неправда од 1767 г. кога неканонски беше укината нашата Охридска архиепископија. Со историската одлука Светиот Архијерејски Синод, потврдена на Црковно-народниот собор, ја вративме духовната слобода на нашиот народ и правото на полно слободно црковно и духовно живеење и творење во татковината и во дијаспората. Со тој чин му ги вративме честа, достоинството и гордоста на нашиот род, на татковината и на нашата Света Црква, која има апостолско преемство.
Во нашето големо црковно-духовно и културно-просветно сенародно дело се вградувале голем број творци, охристовени молитвеници, светители, маченици, кои Господ ги признал и ги потврдил за свети и достојни. Тие охристовени свети мажи, кои чекореле по македонската библиска земја, му припаѓале на македонскиот народ кој, за жал, од некои сѐ уште е негиран, а неговата Црква оспорувана. Нивниот број е голем, а плејадата македонски просветители и учители нам и на светот му дарувале бесмртни епохални дела. Но, и покрај тоа, сѐ уште некои соседи негаторски се однесуваат кон сѐ што е македонско: и Црква, и нација, и држава. Нашата Света Црква беше укината со отоманско ираде, донесена одлука од иноверна власт, која по каноните на Светата Христова Црква не е валидна. Знаевме и бевме свесни дека црковно-духовната борба, која ја поведовме ќе биде многу тешка и макотрпна, но мора да биде победоносна. Всушност, немавме друга алтернатива. Слободата никој на никого не му ја дава на послужавник, таа треба со големи саможртви да се спечали. И наместо да преовладеат евангелската љубов и трезвениот разум кај некои великодостојници од соседните Цркви и да се стави крај на вештачки наметнатиот исклучително политички проблем кон нашата Црква, кон нашиот сенароден и црковен организам, се упатуваат уште пожестоки и поотровни стрели. Цел им беше, но и натаму им останува, да ги отворат незалекуваните рани на македонското сенародно ткиво и повторно духовно да нѐ подјармат. Во овој четиридецениски период што сѐ не сторивме за да се најде заедничко решение кое би било во интерес на светото Православие. Но, ништо не помогна. Зошто? Кај некои наши соседи не постои желба, нема подготвеност, а нема ниту трошка христијанска евангелска љубов дека ние постоиме, живееме и твориме на овие балкански простори и секаде каде нѐ има како христољубив македонски народ, како суверена македонска држава и како жива автокефална Црква. Да му благодариме на Бога што успеавме да ги ослободиме нашите од други затрупани вековни корени. На секој план се видни плодовите од нашето слободно црковно живеење. Изградени се и обновени стотици цркви и манастири во татковината и во дијаспората. Ги отворивме нашите две просветни институции, Средното богословско училиште и Богословскиот факултет, каде се школуваат македонските пастири и архипастири. Ја издадовме и неколку пати ја преиздадовме Библијата на македонски јазик, како и многу други богословски книги. За потребите на нашата Света Црква три пати осветивме Свето Миро. Почнавме со 3 епархии и 3 архијереји, а сега имаме 10 епархии и 11 архипастири, двојно повеќе авангардни македонски пастири и голем број монаси и монахињи, кои мисионерствуваат на сите континенти. Што е најважно, го имаме нашиот благороден верен народ, кој бескрајно си ја сака и почитува мајката Црква како своја родена мајка. Во прегратките на новоизградените величенствени
повеќе од 80 цркви, манастири и културно-просветни центри и школи во дијаспората, чија капитализирана вредност се цени на повеќе стотици милиони долари, се црквуваат над 1.000.000 верни сеоддајни чеда на мајката Светиклиментова Црква.
Осврнувајќи се на дејноста и на творештвото на нашата Света Црква на северноамериканскиот континент, со особено задоволство и неизмерна архипастирска благодарност сакам да нагласам дека организацијата „Обединети Македонци“ одигра грандиозна улога за нашето иселеништво, особено во Канада. Формирана во шестата деценија од минатиот век во космополитискиот град Торонто, таа уште од зародишот, во своите долгорочни, програмски и стратешки цели, знаеше што сака. Голем број ентузијасти, доблесни македонски синови и ќерки, проникнати од чесно македонољубие, ги поставија камен темелниците за организирање на нашиот народ, освен на културно-просветен, и на патриотски и црковен план. Ним им ја должиме изградбата и на првата македонска црква во Канада, катедралата на Свети Климент Охридски, Торонто, осветена на празникот Цветници, во 1965 г. Тие високо го издигнаа аловото македонско знаме, на ова прво изградено македонско светилиште и го повикаа македонскиот народ на силно национално и црковно-духовно единство. Како резултат на нивните возвишени патриотски и црковни заложби, набрзо почна да се организира црковно-духовниот живот и во градовите Виндзор и Хамилтон, каде во полн блесок сега се вишнеат македонските цркви на Свети Никола и на Свети Наум Охридски.
Во последно време т.н. заедничкиот настап на СПЦ и ГПЦ е префрлен на меѓународно поле, се лобира за признавање на т.н. “Јованова црква“!?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Нивниот однос не е ниту човечки, ниту христијански, а уште помалку евангелски. Со ваквите непримерни однесувања тие практично сакаат само едно, да нѐ нема како македонски народ, како македонска држава и како МПЦ. Сакаат да нѐ разнебитат и да нѐ откопачат од нашите многувековни македонски простори на Балканот. Тоа и ден денес уште пожестоко го прават здружени Српската и Грчката црква, кои продолжуваат со целта за да нѐ одродат и обезименат.
Зарем треба уште да се залажуваме и да се надеваме на нивните добри намери? Нивната стратегија е долгорочна и валкана. Последниве години целосно во служба им се ставени одроди, предавници и арамии на чело со Зоран Вранишковски, кој се покажа како најголем “лажов“ и арамија во историјата на нашата Света Црква. Српската црква во договор со Грчката црква знаат дека ако ние го загубиме името и автокефалниот статус на нашата Света Црква, со тоа ги губиме македонскиот идентитет и суверена Македонија.
Тоа значи дека ќе се зголеми притисокот и врз црковните великодостојници на МПЦ!?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Не само овие одроди и предавници, туку и сите други кои ќе посегнат по достоинството, името и автокефалниот статус на нашата Света Црква, нема да ги одмине проклетството кое ги снајде неколкуте предавнички гркофилски фамилии на Охридската архиепископија од 1767 г., проклетство изречено од последниот Архиепископ Арсениј II, а е запишано од македонскиот преродбеник Глигор Прличев:
„Ах послушај мили Боже
Хаир никогаш да немат
Стамче беј и Бујар Лигдо Нејко Челеби.
Милостиви Бог послуша
патришка горешта клетва
Семе нихно, слава нихна
погуби со шум
и сега во куќи нихни
ткае пајак пајажина
и на пусти срехи нихни
хухат хутове“.
Станува збор за неколку гркофилски семејства од Струшко, кои ја предадоа нашата Света Црква, а чии фамилии денес целосно се сотрени. Во судбинските моменти во кои живееме како македонска држава, народ и Црква, битно е да се потенцира дека притисоците многу се позачестени, со цел Македонија да не се најде во евроатлантската интеграција, бидејќи со тоа засекогаш ќе им пропаднат нивните повеќевековни територијални аспирации. Но, бидејќи правдата и вистината се на наша страна, да се надеваме дека набрзо Господ ќе ни помогне да се најдеме на заедничка софра во НАТО и во ЕУ и со тоа засекогаш ќе бидеме ослободени од тешкото бреме, кое со векови насилно ни било наметнато од некои соседи и кое сме морале трпеливо да го носиме, та сега еднаш за секогаш да го отфрлиме. Да резимираме, нивната стратегија е јасна, се удира врз Црквата со цел да се разнебити РМ и да се обезимени нашиот народ.
Без народ нема држава. Без држава нема опстој на народ. Без народ и држава нема опстој на автокефална црква. Без црква нема опстој на народ и на држава, од причини што не може да се доживее полнотата на слободата, државотворна, национална, културно-просветна и духовна. Македонскиот богољубов народ и држава го претставуваат нашиот македонски организам, нашето тело. Македонската црква е нашата македонска душа.
Овие определби се наши вековни стремежи. Македонскиот народ, неговата култура, писменост се создадени пред сите балкански народи и цивилизации!?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Со векови библиска Македонија е поробувана и парчосувана, а над богољубивиот христијански македонски народ е вршен терор и геноцид до истребување од некои соседни држави, за жал, со помош и на некои од црквите со кои и денес војуваме. И денес некои не ни ја признаваат Црквата, други државата, трети народот, а и светото крстено име-македонско. На вистината треба да ѝ погледнеме в очи. Од Македонија и од МПЦ нема повеќе што да се черечи и што друго да се одземе. Ако тоа го дозволиме Македонија и МПЦ ќе бидат обезличени. Имаме ли излез?
Ние сме библиска земја и библиски народ, а сме Црква со апостолско преемство. Воздигнати и возвеличани сме од Бога на највисок пиедестал со тоа што сме внедрени во книгата на вечноста, во книгата на мудроста над мудростите, во Светото Писмо - во Библијата (каде се спомнуваме повеќе од триесет пати). Тој дар и таа чест и слава, која ни се дарувани од Бога никој не може да ни ги одземе, ако тоа ние не му го дадеме. Никој не може да биде посилен од Бога. Господ и историската правда и вистина се на наша страна. Она што е од Бога создадено, да живее, ќе живее и ќе опстојува сѐ додека векот векува и светот светува. Мораме да се надминеме себеси и да се трудиме, преку светоста на нашата мајка Црква да ја зачуваме вечноста и на татковината и на нашиот страдален македонски народ.
Годинава македонските верници, свештениците, монасите и архијерејите на МПЦ слават два исклучително важни датума, кои ја одбележаа опстојбата на Црквата - 40 години од возобновувањето и 240 години од укинувањето на Охридската архиепископија. Дали можете да ни го доловите тој трновит пат?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Без обнова на автокефалноста на нашата Света Црква во 1967 г. не ќе можевме да зборуваме за вакви импресивни резултати. Денес сите ние сме живо тело и душа на МПЦ, сите ние еднородените по дух и крв Македонци, каде и да сме по светот. Затоа во чествувањето на сите наши годинашни празнични светодени особено ќе треба да го нагласиме 40-годишниот јубилеј на нашата автокефална Светиклиментова Црква, а ќе се потсетиме и на трагичниот настан од пред 240 години. Со тоа ќе се поучиме како македонскиот народ, МПЦ и нашата таковина ќе можат да живеат во радост, среќа и благосостојба. Нашите предчественици го поклонувале највредното, своите животи за духовна и за национална слобода, па затоа ние треба да бидеме исполнети со љубов и искреност за да ја зачуваме нашата слобода. Слободата и суверенитетот на Македонија, како и автокефалниот статус на МПЦ нека ни бидат наша света и заветна обврска. Слободата, државотворна и црковна, многу тешко се спечалува, а уште потешко се зачувува. Да градиме, да не разградуваме, да не ја нагрдуваме, туку да ја разубавуваме Македонија, бидејќи треба да ја зачуваме таква каква што од Бога ни е дарувана, раскошна со сите убавини. Затоа ниту еден досегашен акт во разговорите со СПЦ не може да биде повалиден за нас како Црква, од одлуките на МПЦ од 1958 г. и одлуката на Архиерејскиот сабор на СПЦ од 1959 г., како и одлуките и резолуциите од највисоките органи и тела на МПЦ, вклучувајќи ја и историската одлука од 1967 г. за целосна обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ.
Имаме наша суверена македонска држава од чија највисока власт и од највисокото законодавно тело Собранието имаме целосна поддршка за автокефалниот статус на МПЦ, која е потврдена во неколку донесени резолуции. Во тој контекст, имаме парче слободно македонско небо; македонска армија и полиција. Ги имаме нашите народи авангардни пастири, нашето монаштво, нашите еснафи, нашите многубројни древни цркви и манастири, вечни жаришта и чувари, колку на црковно-духовниот толку и на македонскиот национален идентитет. Побитно, имаме и наши светии и светители кои: „Господ ги признал и ги канонизирал, додека грешниот човечки фактор не ја признава Црквата во чии граници тие живееле“.
Расколникот притаено создава пријатели во странство. Што уште може да се очекува?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: Душманите и натаму нема да престанат да татнат со нивните искривоколчени историски невистини. Тие газат по светоста на каноните. Тие се заробеници на својот хегемонизам, а нас клеветнички нѐ обвинуваат дека сме хегемонисти. Знаеме како и на кој начин при создавањето на Кралството СХС на СПЦ ѝ биле подарени денешните наши епархии.
Српската црква платила 1.500.000 француски златници за да ги добие епархиите на Охридската архиепископија. Од што и зошто ние да се срамиме? Ако не ја обновевме древната и славна Охридска архиепископија во 1958 г. Во самостојна, и во 1967 г. во автокефална, денес олицетворени во нашата жива и делотворна Светиклиментова МПЦ, не ќе можевме да ги имаме сите горенаведени скапи придобивки. Затоа моравме да ја извршиме нашата света задача и да ја отстраниме големата историска неправда, која им беше нанесена на нашиот народ и на Светата Црква. Во спротивно, и натаму ќе дозволевме да се полнат касите на душманите. Ќе талкавме по светот како
заплашени и задивени пилиња без квачка.
Ќе требаше ли и натаму да веруваме и да дозволиме лисиците да можат да ги чуваат пилињата, а волците јагнињата? Не! Туѓинец пастир стадо не чува! Тој го уништува и го раз грабува. Затоа мораме да одговориме на прашањето, што нам ни е потребно за да опстоиме како автокефална црква? Архипастири, пастири, свештеномонаштво, народ, верници, светилишта, цркви и манастири, црковно културно-просветни центри, највисоки научни и просветни институции, слободна земја и суверена држава. Ги имаме сите спечалени брилијантни камења нанижани на бесмртниот сенароден Светиклиментов гердан, кои нѐ прават да бидеме уште погорди и почесни верници и сеоддајни чеда на нашата мила и напатена татковина Македонија.
Сепак, СПЦ си ги брани ставовите со канонските правила!?
МИТРОПОЛИТ КИРИЛ: СПЦ измислува свои канони. Се знае кои се каноните и што тие пропишуваат за една Црква да се стекне со автокефален статус. Пред сѐ, треба да знаеме дека не станува збор за прв пат прогласување автокефалност на нашата Црква (таа опстојуваше како автокефална Охридска архиепископија до 1767 г.). Бевме должни да го обновиме нејзиниот автокефален статус. Како Свет Синод се трудевме во ништо, и тогаш, и денес да не отстапиме од каноните на Источната православна црква. Значи, сѐ што е сторено при обновата на нашата Света Црква, 1958 г. и 1967 г., е направено во согласност со светите канони. Во историјата на создавањето на источно православните Цркви, државниот суверенитет на еден народ бил целосен предуслов за црковна автокефалија, на независна суверена држава ѝ припаѓа автокефална Црква. На пример, при доделувањето на автокефалијата на Полската православна црква во 1925 г. патријархот Константин IV во Томосот напишал: „Раководејќи се од наредбите на Светите канони кои определуваат - црковната организација мора да се прилагодува на политичките и на друштвените форми (IV Вселенски собор 17 правило и VI Вселенски собор, 38 правило)“.
Ќе повторам - 1959 г. добивме самостојност од СПЦ. Што сега бараат? Бараа, и продолжуваат да бараат да биде како и порано, да се вратиме во положба од пред 1941 г. Сакам да нагласам дека СПЦ нема право да се меша во диацезата на нашата Света Црква, а уште повеќе да се заканува или некого да го развластува од редовите на МПЦ. Таквите одлуки се ништовни. Со СПЦ сите есапи ги порамнивме во 1958 г. особено во 1967 г. Затоа мораме да констатираме дека сите нејзини активности кон нас биле со цел да се дискредитира нашата Света Црква, а не да се најде заедничко разбирање за надминување на наметнатиот политички проблем. Инаку, како би ја разбрале пораката на епископот Атанасије Јевтиќ: „Кога ќе сретнам барем еден Македонец на Камениот мост во Скопје, тогаш ќе дадеме Црква во Македонија“. Да не наседнуваме на било какви провокации и да не дозволиме шпионите, предавниците, одродите и арамиите да ни ја разјадуваат нашата Света Црква. Пред сѐ, мораме да веруваме во нашата семакедонска правда и вистина, во нашиот богољубив народ бидејќи ако живееме со Бога и со нашата вера и народ, тогаш и најзакоравените непријатели ќе мораат да ја прифатат нашата вистина и да ја признаат МПЦ, која успешно плодотвори 5 децении. Мораме да потенцираме дека имало и други цркви кои чекале подолг период и од нас и биле признати и успеале да се потврди нивната автокефалност.
Верувам во нашиот народ и во татковината и во дијаспората дека нашата вистина, нашето чувство, нашиот инстинкт, да не речам нашиот “фанатизам“, нашата истрајност за вековит опстој отсекогаш била многу силна, така што македонскиот дух и непокор не може никој да ги скрши. За нашите дејанија отчет ќе даваме пред единствениот праведен Судија - нашиот Спасител Господ Исус Христос, главата на Светата Црква.
Господ нека нѐ умудрува и води по патот на спасението за наше целосно помирување, обединување, почитување и искрена доверба. Господ на мирот и на љубовта да биде со сите нас, сега и секогаш и низ сите времиња и вечности. Во најголем торжествен сјај да го дочекаме празникот над празниците - светото Христово Воскресение - Велигден. Грижата за македонските стабилни семејства и примерна младина се наш темел за сеопшт просперитет на таковината и нашата Света Црква. Велигденскиот Божји Благослов нека биде со сите нас за заедно со целата небесна ерархија да воскликнеме: „Христос воскресна од мртвите со смртта смртта ја победи и на тие што беа во гробовите живот им дарува!“. Пеејќи да му е слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу сите луѓе добра волја. ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!
преземено од неделникот „Македонско Сонце“, 6.04.2007 год.
http://www.makedonskosonce.com/broevis/2007/sonce666_667.pdf/08_13_intervju.pdf