Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во црквата на света Петка во Гостивар (15.04.2007)

На празникот на живоносниот Источник на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил чиноначалствуваше со Архиерејска Божествена Литургија во Гостивар, во церквата на света Петка. Честа прилика е во нашата епархија, а особено во нашиов регион да се види колкаво е почитувањето на Пресвета Богородица меѓу нашите верници, чеда на Македонската Правослвна Црква. Река од народ течеше во црквата на света Петка во Гостивар на овој голем празник. По читањето на светото Евангелие, Неговото Високопреосвештенство се обрати со празнична проповед до мноштвото народ (во  практика во старата Црква било проповедта да се искаже по завршувањето на Евангелието).

 

„Драги браќа и сестри во Господа,

 

Да Му благодариме на Севишниот Бог, Кој преку молитвената закрила на нашата заедничка духовна Мајка, Пресвета Богородица, Чиј светол лик денес на посебен начин го чествуваме, нè удостои да го дочекаме Празникот на празниците, Воскресението на нашиот Спасител. Оваа цела недела е Наречена Светла Недела. Во оваа недела треба да биде истакнато нашето милосрдие. Секој што може да подари барем нешто на сиромасите, да го направи тоа. Само така, вели Спасителот, ќе ве познаат дека сте Мои ученици. И токму во оваа недела, односно во првиот петок по Велигден се празнува овој ден, Источен Петок, особено посветен на Мајката Божја, односно на обновувањето на храмот на Пресвета Богородица наречен живоносен Источник. Овој храм бил во предградието на Цариград. Откриен бил од страна на византискиот император Лав Велики. Кога сè уште не бил император, во 450 година, поминувајќи при една прилика низ ова место, Лав сретнал еден човек кој бил многу жеден и бил слеп. Сакајќи да му помогне и да му ја изгаси жедта, Лав почнал да бара вода. Не можејќи да најде жива вода, така талкајќи наеднаш слушнал глас од небото кој му кажал каде да го најде источникот. Со таа вода Лав го напоил жедниот и потоа слепиот прогледал. Во благодарност на Пресвета Богородица, Лав кога станал цар на ова место изградил црква посветена на Пресвета Богородица, наречена живоносен Источник. На овој Источник голем број тешко болни и безнадежни од секакви болести биле излекувани. Затоа на овој ден нашата Светиклиментова Црква ги повикува сите верници да ги прослават чудата што ги направила Пресвета Богородица. Овој храм за жал бил повеќепати разрушуван, но како се создавале услови бил и возобновуван.

Оваа година ќе се радуваме и ќе ја прославиме 40-годишнината на нашата Автокефална Црква и јас ќе прославам 40 години како архиереј на мојот богољубив народ.“  

 

 

 

По Светата Литургија, Неговото Високопреосвештенство во дворот на црквата освети вода, која сите верници ја понесоа во своите домови за нивно духовно и телесно здравје.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Потоа Неговото Високопреосвештенство во селото Зубовце ги благослови и освети двете фарми со ноеви и сортни кози кај Мане Јаковлески и неговиот син Самуил. Инаку Владиката со ова семејство има повеќедецениско пријателство и соработка.

 

                        

 

                                                                                                                   известува: свештеник Синиша Ристовски