Молебен за молитвена духовна поткрепа на Бошкоски и Тарчуловски (15.04.2007)
Во сите храмови на Македонската Православна Црква денеска после светата Литургија се отслужи Молебен за молитвена духовна поткрепа на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, како и за нивно праведно судење на Хашкиот трибунал.
Со Молебенот во Архиепископскиот соборен храм на свети Климент Охридски во Скопје чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополит Брегалнички г. Иларион како и повеќе и свештенослужители на Македонската Православна Црква.
„На еден ден пред почетокот на судскиот процес во Хаг против обвинетите Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски се помоливме за праведно судење. Господ сезнајниот да им вдуши дух на вистинољубие и правдољубие и на оние што обвинуваат и на оние што го водат овој процес за да можат сите да им послужат на вистината и правдата. Во овие повоскресенски денови повикани сме како народ и Црква да се помолиме за духовна поткрепа на Љубе и Јохан. Да се молиме Господ да им даде сили за да ги издржат сите искушенија на кои биле или можат да бидат изложени во затворот во кој подолго престојуваат“, рече на Молебенот г.г. Стефан.
Тој додаде дека можеби е невообичаено од свето место да се говори за вакви случаи, но според него, во Црквата и во молитвата пред Бога има место за сите.
„Ние секојдневно се молиме. Нема кој нема потреба за заштита од Божјата рака, за правда и вистина. Онаа правда за која и од ова свето место апелираме. Сите кои сметаат дека врз некого имаат право на суд, никогаш нека не ја заборават правдата. Нека не заборават дека кога судат неправедно и себеси си пресудуваат. Пред Божјиот суд сите ќе излеземе, затоа и ја потсетуваме за праведен суд“, рече г.г. Стефан.
На Молебенот присуствуваа голем број граѓани, политичари, претставници на здруженијата на бранителите и членови на семејствата на Љубе и на Јохан.
Во пресрет на отпочнувањето на судскиот процес против обвинетите македонски државјани Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, премиерот и Владата на Република Македонија ги изразуваат и потенцираат своите очекувања за фер, транспарентно и правично судење, соопшти денеска Секторот за односи со јавноста на Владата.
Во соопштението се истакнува дека претседателот на Владата на Република Македонија, и Владата во целина, на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, како и на нивните семејства, ќе продолжат како и досега да им ја даваат сета потребна човечка, морална, финансиска и институционална поддршка за време на одвивањето на судскиот процес, за кој Владата проценува дека е од исклучителна важност за Република Македонија.
известува: МИА