Македонските богослови во посета на Цариград, Халки и Солун (17.04.2007)
Со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и ректорот на Македонската Православна Богословија, Митрополитот г. Агатангел, матурантите од Богословијата заедно со проф. Момчило Павловиќ и класниот раководител проф. Коста Орачки, воспитувачот Бобан Митевски и јеромонахот Јосиф од Бигорскиот манастир го посетија славниот Константинопол.
Во рамките на оваа екскурзија покрај другите знаменитости беа посетени и неколку православни храмови од некогашната славна Византија.
Најголем впечаток остави средбата со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во црквата на свети Георгиј во Фанар. Притоа Патријархот во својата вечерна беседа јавно ги поздрави поклониците од Македонија и со голема радост и многу благодарност ја прими митрата - подарок од Архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Исто така покажа голема љубов со тоа што направи групна фотографија со богословите. Во неколкуминутниот разговор испрати благослови до сите во нашата македонска земја.
Исто така следниот ден богословите присуствуваа на Архиерејска Литургија во манастирот на Источен Петок - Балаклија. А по Литургијата тргнавме кон островот Халки, каде што бевме пречекани од јеромонахот Теологос, кој ни ја раскажа маченичката историја на оваа Богословија, која денес е затворена од турските власти. Исто така ни беше кажано дека турските власти одземале 2 цркви, кои ги претвориле во музеи.
На враќањето во Македонија богословите се поклонија на свети места во Солун - на моштите на свети Димитриј, свети Григориј Палама, света Анисија, света Теодора Солунска и свети Давид.
известува: јеромонах Јосиф од Бигорскиот манастир