Молебен за нашите браќа Љубе и Јохан во Челопек, родното село на Љубе Бошкоски (19.04.2007)
Во организација на МПЦ и здружението за поддршка на Љубе Бошкоски, централниот Црковно-народен собор се одржа во родното село на Љубе, во с. Челопек.
Најпрво се отслужи Божествена Литургија во храмот на Пресвета Богородица во с. Челопек, на која чиноначалствуваше архиерејскиот намесник, протоереј-ставрофор Мирко Станковски, со повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво.
По завршувањето на Светата Литургија, се изврши чинот Молебен за поддршка на брат Љубе и Јохан Тарчуловски.
Од името на здружението за поддршка на Љубе Бошкоски, присутните ги поздрави неговиот внук Здравко Пауновски, кој, меѓу другото, истакна дека се надева, хашките судии да донесат праведна, ослободителна одлука за Љубе и Јохан, со што би се докажала Божјата правда и Божјата вистина, и дека се надева и посакува нивно што поскоро враќање во родните огништа.
Од страна на Македонската Православна Црква се обратија прота Димитрије Крстевски, парохискиот свештеник Ненад Ѓорѓески и протоереј Предраг Исаевски, старешина на соборниот храм во Тетово на светите Кирил и Методиј.
Господ како Милостив да им дарува сили да го издржат судењето и како што Тој се ослободи од власта на смртта и воскресна, така и нив да ги ослободи од неправедното заточение. Слава Му на нашиот Бог, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
известува: свештеник Синиша Ристовски