Vesti i nastani
 
 
 
 
 

СПЦ го прифаќа продолжувањето на дијалогот, пишува во одговорот до МПЦ (24.04.2007)

По четиримесечен молк, Синодот на Српската Православна Црква со писмо ѝ одговори на Македонската Православна Црква дека го прифаќа продолжувањето на дијалогот. Седнувањето на заедничка маса, како што вели владика на СПЦ, кој од разбирливи причини побара анонимност, не се условува со присуство на расчинетиот Вранишковски, но се нагласува дека „српската страна смета дека разговорот не би бил можен во период додека архиепископот Јован е во затвор“. Врвот на Српската Православна Црква не посочува дали разговорите ќе се одржат во Србија или пак во Македонија, но, многу веројатно е митрополитите на двете Цркви да се сретнат веќе во првата половина на мај, зашто на 14 идниот месец започнува неколкудневното заседание на Соборот на СПЦ. Згора на тоа, по скратувањето на затворската казна на Вранишковски, тој ќе биде на слобода на 1 мај, така што единствениот услов од СПЦ практично ќе биде исполнет. Писмото, кое е испратено со благослов и потпис на српскиот патријарх Павле, кој се наоѓа на закрепнување во бањата Ковиљача, како што налага редот, најверојатно ќе се разгледува на првата седница на Синодот на МПЦ, на која тројцата владици - Петар, Тимотеј и Агатангел, кои беа во официјална посета на Руската Православна Црква, ќе треба да го пренесат и тамошниот став во однос на дијалогот со СПЦ.



Информацијата што ја доби „Утрински весник“ од високи црковни извори во Патријаршијата, во МПЦ директно не ја потврдуваат, ниту пак ја демантираат. Портпаролот на Синодот,
Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј, кусо ни одговори: „Не сум архивар за да знам дали писмото стигнало. Не тврдам дека е пристигнато, ниту пак негирам, но знам дека за него не е расправано на Синодска седница“. Официјална потврда на нашите сознанија не добивме ниту од шефот на кабинетот на архиепископот Стефан, кој само појасни дека „не му е познато дали писмото стасало, бидејќи меѓуцрковната комуникација оди преку Синодот“, а на молк наидовме и во канцеларијата на Синодот.



Проф. Мирко Ѓорѓевиќ, познат аналитичар на црковните случувања во Србија, смета дека четиримесечниот молк беше своевидна црковна дипломатија за да се види што ќе се случи, меѓутоа, укажува дека постепено се менува свеста и размислувањата кај тврдокорните владици на
Српската Црква во однос на МПЦ. „Дури и оние кои ја негираат автокефалноста и постоењето на МПЦ, знаат дека дијалогот нема алтернатива и дека мора да се соочат со реалноста“, вели Ѓорѓевиќ.



Од друга страна, пак, фактот што во писмото од Синодот на СПЦ, продолжувањето на меѓуцрковните дијалози не се условува со присуството и учеството на Вранишковски, може да се смета за позитивен сигнал. Скорото ослободување на ексвладиката Јован било позитивно оценето и на средбата на македонската црковна делегација во Московската патријаршија со митрополитот Смоленски и Калининградски г. Кирил, кој во Руската црква е претседател на Одделот за надворешни контакти со православните
Цркви. Како што првпат РПЦ официјално соопштува на својот сајт, митрополитот Кирил изразил задоволство од информацијата за ослободување на Вранишковски и истакнал дека „со ова е отстранета важната пречка пред преговорите за регулирање на статусот на Македонската Православна Црква“. Од името на Московската Патријаршија, г. Кирил истакнал дека РПЦ претпочита што е можно поскоро обновување на разговорите меѓу МПЦ и СПЦ.



Основна тема на средбата која била остварена по барање на Македонската
Православна Црква, како што се наведува, биле „патиштата за надминување на постојната изолација на верниците во Македонија“. Отец Николај Балашов, кој бил учесник на разговорот, изјавил дека „веќе 40 години православните Македонци немаат канонско општење со другото православие, од 1967 година кога еднострано е прогласена автокефална Македонска Црква“. Учесниците на дијалогот во Москва биле единствени дека решението на проблемот на МПЦ треба да биде постигнато „преку дијалог со Српската Црква, врз основа на црковни канони, почитувајќи ги пастирските потреби на македонските верници“. Информациите од Московската Патријаршија говорат дека Српската Православна Црква „е информирана за средбата со македонските претставници“, бидејќи, неофицијално, СПЦ отворено се противи на какви било наши контакти со другите православни Цркви, особено со влијателните православни центри, каков што е Москва. Ист беше случајот и по неодамнешната средба на македонските владици со вселенскиот патријарх Вартоломеј, по која првпат, како и сега во Русија, секретарот на Синодот на Вселенската патријаршија официјално соопшти за посетата на МПЦ, што говори дека промената на односот кон нашата Црква полека се чувствува.

 
Билјана Јовановска
, „Утрински весник“