МПЦ потврди дека е пристигнато писмо од Синодот на СПЦ (25.04.2007)
Македонската Православна Црква по три дена молк, официјално потврди дека Српскиот Синод одговорил на барањето за продолжување на дијалогот меѓу двете Цркви. Портпаролот на Синодот на МПЦ, вели дека иако писмото од Патријархот Павле не е ставено како посебна точка на дневниот ред за утрешната синодска седница, сепак најверојатно за него ќе се разговара.
- Имам информација дека е пристигнат таков одговор од страна на СПЦ до канцеларијата на нашиот Синод, меѓутоа во дневниот ред како експлицитна точка тоа не е поставено. Дали тоа ќе биде изнесено или не во овој момент не би можел да ви соопштам. Постои можност да биде разгледувано, а може евентуално да се препрати до сите Архиереи, па да се изградат дополнителни ставови - вели портпаролот на САС на МПЦ, г. Тимотеј.
Македонската Црква реши да прозбори за писмото откако, вчера во изјава за „Сител“ српскиот Синод потврди дека му испратиле одговор на македонскиот Архиепископ.
Информациите на „Сител“ велат дека во писмото, српскиот Патријарх изразил добра волја да се продолжат прекинатите разговори со македонските Архиереи.
Неофицијалните информации пак велат дека одговорот на Патријархот Павле е резултат од посетета на македонските Владици на Москосвската Патријаршија. Црковни извори тврдат дека Руската Црква интервенирала кај Владиците во Белград да покажат добра волја за разговори, а подоцна да се дефинираат термините и условите под кои ќе се разговара.
И во СПЦ засега велат дека само е искажана потребата од продолжување на дијалогот, но не знаат кога тој би можел да се случи.
И Владиците во Белград утре на Синодска седница ќе ги дефинираат темите за кои Саборот ќе решава. Македонското црковно прашање е една од нив.
Марјан Николовски, Телевизија Сител