МПЦ – во мај ќе се одлучи за ставот кон СПЦ (26.04.2007)
Македонските владици поединечно ќе го разгледуваат писмото на српскиот Синод и на следната седница во мај ќе го дефинираат ставот за продолжување на дијалогот со српските архиереи.
Денеска само биле информирани дека СПЦ прифаќа евентуални разговори, но без детали каде и кога тие би се одржале.
- Владиците беа информирани за писмото од Синодот на СПЦ, но изразија желба поединечно да го анализираат, да изградат ставови и на следната синодска седница да го дефинираме ставот на Синодот. Дотогаш не можеме да зборуваме за условите - изјави портпаролот на Синодот, Владиката г.Тимотеј.
Македонските Архиереи не ја анализирале ниту посетата на тричлената црковна делегација на Московската Патријаршија. И тоа прашање било оставено за следната Синодска седница.
Денеска и во Белград, српските архиереи го дефинирале дневниот ред за Саборот што на 14-ти мај почнува во Патријаршијата. Тогаш и ќе го дефинираат конечниот став околу македонското црковно прашање.
И МПЦ вели дека нема да има никакви контакти додека не заврши Саборот на СПЦ.
Она што денеска го дефинирале владиците на МПЦ е датумот на прославата за 40 годишнината од автокефалноста. Таа ќе се одржи на 14-ти и 15-ти јули во Охрид.
известува: Телевизија Сител