Мало осветување на манастирската црква во Лешочкиот манастир (15.05.2007)
На 13 мај 2007 год., во Лешочкиот манастир, митрополитот Полошко-кумановски г.Кирил изврши Мало осветување на реконструираната манастирска црква посветена на свети Атанасиј Велики, а потоа отслужи и празнична Божествена Литургија.
За време на светата богослужба, Владиката Кирил им се обрати на присутните верници со следните зборови:
„Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
По Божја милост, закрилувани под светиот спасоносен Омофор на нашата Пресвета Мајка Богородица и постојаното молитвено застапништво на вечноживиот архиепископ Александриски Атанасиј, чиј празничен ден овие денови го чествуваме, пред да почнеме да ја служиме првата Божествена Литургија во целосната реконструкција, осносно изградбата на ова величествено манастирско светилиште, на него извршивме Мало осветување. Големото (осветување) секако ќе ја имаме милоста на Бога да го извршиме при крајот на месец јуни, и уште еден скапоцен, брилијантен камен да причислиме кон сенародниот македонски Светиклиментов ѓердан, а по повод четиридеценискиот јубилеј од обновата на целосната автокефалност на нашата древна и славна Охридска Архиепископија, олицетворена во денешната наша Светиклиментова Македонска Православана Црква. Како што ни е познато, драги браќа и сестри, ова древно величествено македонско светилиште беше претворено во купишта камења во август 2001 година. Со обновата на овој манастирски Божји храм почнавме во месец јуни, во 2003 година, со голем труд и самопрегор, и еве Господ ни помогна манастирот да блесне во уште поубав сјај отколку што беше пред неговото разрушување. Па, она што Господ навистина го создал да живее и да опстојува, ќе живее и ќе опстојува сѐ додека векот векува и светот светува. Инаку, разрушениот манастир беше за првпат евангелисан, осветен, во 1934 година, а пред тоа изграден на стародревни христијански темели - еве тука се гледаат и археолошките ископувања. Пред да почне да се обновува манастирот беа најдени монети (парички) дури од VI век - потврда дека на овие простори и во времето на Јустинијановата архиепископија се молеле верните македонски синови и ќерки. Навистина Господ е голем во своите промислителни дела и со своите чудеса. Ајде, не речете дека секојдневно прави чуда!? Само ние треба да бидеме способни да ги согледаме, да ги видиме тие чуда. 1934 гoдина - осветен храмов. 1934 година со Божји благослов преку родителите Милица и Бојан дојде на овој свет митрополитот Кирил и денес заедно со сите вас врши Мало осветување на светиот Божји храм, а ако даде Господ како што рековме, ви спомнав пред тоа, при крајот на месец јуни да извршиме и Големо осветување. Со најискрени братољубиви архипастирски чувства на евангелска љубов, на сите ви го честитаме овој наш новообновен македонски свет Божји храм. Господ да нè допушти никогаш да се повтори она што се случи во кобната 2001 година. Еве, сполај Му на Бога, драги браќа и сестри во Господа, собрани сме, и ја отслуживме Божествената Литургија. Нашите христијански души и срца се исполнети со безгранична радост и среќа. Многу срца христијански и македонски, кога слушнаа за оваа трагедија беа погодени, ранети од болка и тага и тука и во дијаспората, насекаде каде што нè има. Тука имаме и гости од далечна Австралија, од Мелбурн, каде што дедо Кирил, исто така, архипастирствуваше.
Петнаесетина години архипастирствував и високо го подигавме македонското знаме градејќи храм по храм, по кое што го повикувавме целиот богољубив македонски народ. Градевме голем број величествени храмови и првиот манастир посветен на св. Климент, за првпат и на од Бога благословено австралиско тло е осветен во 1978 година. Тогаш бевме заедно со обновителот на нашата света Црква во Австралија, во Мелбурн, блаженопочинатиот архиепископ Доситеј. Денес сме собрани во ова наше обновено манастирско светилиште за да Го славиме Бога и да Му благодариме за сите добрини и убавини што ни ги дарува. А сè што е од Бога е убаво. Се радуваме безгранично, зашто радоста што извира од искреното и братско молитвено дружење ги храни, освежува и оживотворува нашите благородни души и срца и нè исполнува со вечна радост и среќа. Светата Литургија веќе според востановената повеќегодишна, а дури и децениска пракса, ја отслуживме денес во спомен и чест на пренесувањето на моштите на св. Атанасиј. Голем број тешко болни, безнадежни, кои ги допреле неговите мошти биле исцелени од секакви душевни и телесни болести. Се помоливме за добро душевно и телесно здравје на сите вас што помилувавте да се најдеме на првата Божествена Литургија во обновениот манастирски величествен храм. Се помоливме за сите чеда сеоддајни на Македонија и на нашата света Црква и за вечен мир и благосостојба во татковината. Свети Атанасиј архиепископот Александриски Велики е роден на крајот од третиот век во градот чија титула ја носи. Архипастирствувал полни 4 децении. Ете, и тоа чудно совпаѓање - јас пак со вас оваа година правам 40 години откако сум архипастир на нашата Македонска Света Црква. Да сакавме така да ги редиме работите, немаше да бидат наредени. Но, за жал неговото архипастиртвување било со чести прекини поради жестоките прогонувања од страна на отпадниците.
Инаку, делото на св. Атанасиј е огромно за нас христијаните. Тој учествувал на Првиот Вселенски Собор и е творец на првиот Символ на верата, кој на секоја света богослужба го читаме, и кој претставува камен-темелник на нашата вера. Се разбира после поживеани осумдесет години од неговото овоземно живеење се представил пред Бога за преку огромните епохални дела што ни ги дарувал, да биде овенчан со ореолот на вечната слава. Затоа како христијани сме должни да го следиме неговиот пример и самопрегорно да работиме и да придонесуваме и ние за чистотата и убавината и запазувањето на нашата православна вера, благосостојбата на нашата Црква и родна и мила татковина Македонија. Моите архипастирски чувства ми наложуваат да упатам благодарност до Европската унија, до Агенцијата за обнова и реконструкција при Владата на Р. Македонија, до службениците на Републичкиот завод за заштита на споменици на културата, кои сето време бдееја и толку многу придонесоа, заедно со сите нас за да го доживееме во ваков прекрасен блесок, обновениот манастирски свет Божји храм.
Да го јакнеме нашето црковно и национално единство, да ја јакнеме милоста, верата, меѓусебната доверба и каде и да сме бидејќи сме чеда на Македонија и на нашата света Македонска Православна Црква. Божјиот мир и благослов нека се излие над сите вас и нека почива во сите времиња и денови од вашиот живот. Господи нека биде благословено и преблагословено Твоето име од сега и до века. Амин!˝
Христос Воскресе !
По преубавиот чин следеше црковно народен собир пропратен со македонски песни и ора сѐ до вечерните часови.
Специјално, како гости на митрополитот, беа дојдени госпоѓата Љуба и господинот Митре Бошевски, за да ја споделат со нас големата радост. Инаку, госпоѓата Љуба е водител на едно од нашите радија, познато како „Гласот на Македонија“. Навистина таа беше импресионирана од тоа што го виде. И рече дека сè ќе пренесе од она што го видела и доживеала.
подготвил: о. Синиша Ристовски