Пренос на моштите на свети Никола Архиепископ Мирликиски (24.05.2007)
Топло добредојде на нашиот Архипастир, од името на жителите на селото Жилче му изрази парохискиот свештеник, протоереј-ставрофор Димитрије Крстевски, кој меѓу другото му ја честита и 40-годишнината од архиерејската хиротонија и 40-те години од обновувањето на автокефалноста. Нашиот Владика беше пречекан и од голем број дечиња. Потоа следеше Светата Литургија, за време на која Митрополитот г. Кирил на присутниот народ од с. Жилче му се обрати со многу пригодна проповед, во која зборуваше за животот на многупочитуваниот меѓу македонскиот народ Свети Николај Мирликиски и за јубилејот на Македонската Православна Црква - 40 години од обновувањето на Автокефалноста:
„Овоземниот живот на светиот Николај Чудотворец бил во четвртиот век, во таканаречениот златен период на светата Христова Црква, кога се појавуваат големи богословски умови; во времето на поставувањето на камен-темелникот за убавината и чистотата на нашата православна Вера. Време кога почнува одржувањето на Вселенските Собори. Време кога се донесува Символот на нашето верување, кој се чита на секоја Божествена Литургија и кој со вера го исповедаме. Двапати во текот на годината по вашиот пример и примерот на сите православни чеда, на посебен начин и со посебна побожност, почит и љубов за огромното дело што ни го остави свети Николај, се поклонуваме молитвено, се собираме во светите Божји храмови кои се многубројни и посветени во чест на свети Николај. Неговите пораки имаат навистина не само сехристијанско ами и сенародно универзално значење. Голема е работата кога Господ го повика да постане Архипастир на своето стадо во Мала Азија, поточно во градот Мира Ликијска, кога даде завет и рече ‘јас не треба да живеам за себе туку за своето стадо, односно за своите верници’. Дека живеел за своето стадо се покажа од тоа што со самата жртвена архипастирска дејност успеа да го спасува својот верен народ. Неговата хуманост најповеќе ја потврди со неговото богатство, што го наследил од своите родители и го разделил на сиромаси, вдовици, сирачиња и разни болни и немоќни. Светата Православна Црква го смета свети Николај за правило на нашата вера и образ на нашето евангелско христијанско живеење. Денес неговите свети мошти почиваат во градот Бари во Италија. Иако за денес моите планови не беа јас телесно да присуствувам, сепак Божјата волја била таква денес да бидам со вас. Денес извршивме осветување на обновените фрески, санирана е кровната конструкција и целата архитектура на црквата. И овој ден може да го прогласиме како празник на обновување на храмот на Свети Николај Мирликиски во прекрасното село Жилче. Откако ми се обрати големиот делател на овие простори господин Злате Тодороски, директор и сопственик на Кисс телевизија, инаку мој драг пријател со кого се знаеме со години и децении и со кого пред неколку години заеднички ја освојувавме и Америка. Таму се доближивме до она што нашите браќа и сестри на тие простори го создаваат, правејќи епохални, грандиозни дела. Потврда за тоа е дека ние сите како чеда на Светата Христова Црква и на нашата Светиклиментова Православна Македонска Црква го претставуваме ткивото на нашата суверена Македонија, поради што секогаш се обраќаме со зборот татковина. Татко е светиња. Да Му благодариме на Бога што секој празничен ден од ова дарувано и благословено лето Господово, ваквите црковно-народни светодени ги зголемуваме со радоста, бидејќи се радуваме и на еден значаен јубилеј - четири децении, четириесет бериќетни плодородни години откако Господ нѐ вдахнови и умудри на 17 и 18 Јули 1967 година да ја отклониме големата неправда што му беше нанесена на нашиот богољубив христијански народ и на нашата татковина и на нашата Света Црква со Апостолско преемство. Бидејќи, светиот апостол Павле по Божјо провидение повикан преку ангелот, дојде и го проповедаше светото Евангелие во Македонија. Потврда за тоа е дека тој ја покрстил и првата Македонка, света Лидија. Тоа е потврда дека ние ги откопавме длабоките корени на нашата Света Црква за да можеме со радост и задоволство денес да зборуваме за огромни импресивни постигнувања, како тука така и надвор од неа, особено во дијаспората, каде што јас архипастирствував околу три децении, особено помеѓу верници од тетовскиот и гостиварскиот крај. Само во градот Детроит се сконцетрирани преку педесет илјади луѓе од Македонија. Таму е направен импозантниот Божји храм и простории кои се составен дел: хали, неколку паркиралишта - и сето тоа се цени десетина милиони долари. За жал ние не можеме да направиме такво нешто, но јас не можам да не ја искажам радоста и задоволството од ова што го гледам. Ова е потврда дека си ја сакате верата, дека имате евангелска љубов и милост. Нека ни се вечни празнувањата, заедно со делата што ги создавате да векувате и вие. Господ вашите имиња нека ги запише во Книгата на вечноста со златни букви. Амин.“
Светата Литургија ја збогати реномираниот женски хор „Менада“, под диригенската палка на маестро Ивица Зориќ.
По Светата Литургија беа осветени славските колачи, кои ги принесоа кумовите со нивните семејства, а потоа следеше трпеза на љубовта.
Празнувањата продолжија со македонски ора и песни до вечерните часови.
известува: о. Синиша Ристовски