Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Семакедонски православен христијански собор (25.05.2007)

На годинешниот „Семакедонски православен христијански собор”, кој се одржа на 20 мај 2007 година, под духовно водство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и во организација на Повардарската Епархија, неколку стотици македонски православни верници од повеќе градови на Македонија, силно го демонстрираа несогорливото христијанско кандило во нивните души, потврдувајќи уште еднаш дека се вечни чувари на принципите на православната Вера и Преданието на Раната Црква, востановени од Самиот Христос и Неговите Апостоли. Силната и нераскинлива врска, која го поврзува македонското национално битие со православната вера, уште еднаш беше цврсто потврдена, но и покрај тоа архиереите на Македонската Православна Црква не пропуштија да упатат апели за уште посилно зацврстување на таа врска, која го одржува македонското опстојување како непобитна реалност од самото зачнување на светот, па сè до денес.

Средбата се одржа во соборниот храм на светиот великомаченик Пантелејмон во Велес. Таа започна со Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Струмички г. Наум и Митрополитот Европски г. Пимен. По Литургијата следуваше поздравен говор на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, со кој беше отворен соборот. Меѓу другото во својот говор г. Агатангел истакна:
Нека Евангелските заповеди за вера, надеж и љубов, бидат основа на нашата преродба, да се потрудиме во тие зборови да ги препознаеме силата и цврстината на нашиот одговор, на нашата христијанска заповед никогаш да не се предадеме, никогаш да не потклекнеме пред предизвиците кои со себе ги носат времињата во кои живееме. Денес тука, неслучајно сме собрани пред соборниот храм на свети великомаченик Пантелејмон во Велес, место кое е вистинско сведоштво за вечноста на македонскиот христијански оган, да испратиме една порака до целиот наш народ македонски, до сите наши браќа и сестри кои не се присутни денес тука, до сите Македонци кои живеат на различни страни од светот, далеку од своето родно парче земја, до сите наши соседи, до Европа и до целиот свет. Не сакаме да докажуваме што било на оној што ќе се дрзне да фрла стрели кон нашиот македонски идентитет, тоа не ни е потребно. Македонија е непобитна реалност, секогаш била и ќе биде, колку и да му пречело и да му пречи тоа некому. Ние ќе вратиме со добро на секого, ќе се помолиме за спасение на секоја душа, зашто секој сличен на нас е наш брат.
Предавањето на тема „За подвигот на единството“ на професорот на Теолошкиот факултет, проф д-р Ѓоко Ѓорѓевски, беше последниот настан кој ја одбележа овогодишната „Семакедонска православна христијанска средба“. 
 „Семакедонски православен христијански собор“ е втор ваков собор. Првиот беше востановен во 2005 г. во
архиерејскиот соборен храм на свети Климент Охридски во Скопје, додека традицијата на оваа средба треба да се потврди со третиот собор, кој догодина ќе го организира Струмичката Епархија на Македонската Православна Црква.

 

преземено од: Преминпортал