Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Њу Џерси (28.05.2007)

Беседа на Митрополитот Американско-канадски г. Методиј на Божествената Литургијата, којашто ја отслужи на празникот на Слегувањето на Светиот Дух, во црквата на светите Кирил и Методиј во Њу Џерси:

„Возљубени браќа и сестри, празникот на Педесетница е празник на слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите. Тој е ден кога по милоста Божја и со слегувањето на Светиот Дух, тие ја започнаа својата мисија по земјата. Ја започнаа во Ерусалим, зборувајќи на различни јазици и луѓето многу се чудеа дека такво нешто станало. Ова чудо, овој дар од Бога не беше од тоа време, тоа беше многу постаро. Зошто Бог за да ја отклони од човекот суетната помисла за градењето на Вавилонската кула им го даде дарот да не можат да се разберат. Секој зборуваше на различни јазици и тогаш тие се одвратија од помислата да ја градат кулата. Сега пак, кога Тој благоволи да ја гради Црквата Божја, повторно преку Светиот Дух на луѓето слезе дарот да зборуваат на различни јазици, меѓутоа, не сега за да не се разберат, туку напротив, да разберат и секој да го слушне на својот мајчин јазик она што Бог им го проповедаше и им го предаде на учениците.

На тој начин, денес, на Педесетница, се основа Црквата Божја. Овој празник стана празник на раѓањето на Христовата Црква, раѓањето на Христијанството. Зошто од тогаш преку мисијата на светите Апостоли, Светото Евангелие, светата радосна вест Божја стигна насекаде по светот и ние за тоа сме сведоци денес. Не постои ниту јазик, ниту народ, ниту место на светот, а да не се проповеда за Христовото Евангелие. Сето тоа започна токму во Ерусалим, и токму на денот Педесетница со слегувањето на Светиот Дух. Господ Исус Христос ја заврши својата земна мисија. Тој се вознесе и седна на престолот на Отецот Небесен, но како што им вети на Апостолите го испрати Утешителот, Духот на Вистината. Со Неговото слегување започна благодатното дејство на третото лице на Света Тројца во светот. Тоа е почеток и на светотаинскиот живот во Црквата. Зошто секоја од Светите Тајни кои што ги имаме во Црквата, и Крштението и Светата Тајна Причест, Миропомазанието, Бракот,  Свештенството итн., сите Свети Тајни се базираат на благодатта којашто излегува од Светиот Дух. Светиот Дух слезе на светот, Светиот Дух влезе во Црквата и на тој начин на човекот му беше возможно преку таа енергија да се освети и да стане свет. Токму затоа со слегувањето на Светиот Дух ние ги имаме и Светиите во Црквата. Сите свети луѓе, праведници кои што со својот живот посведочија дека навистина Бог дејствува со голема сила. На тој начин видливо за луѓето се исполни и откровението дека Бог е во три лица: Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух. Овој период се нарекува период на Светиот Дух. Бог ни се откри како Тројца за да поверуваме дека навистина во сѐ и во секој миг од нашиот живот и предвечно, и пред да постои овој свет, и потоа, секогаш и засекогаш ќе постои Бог, Бог во три лица Отец, Син и Светиот Дух. Амин.“

 

 

                      

 

 

 

                      

 

 

известува: ѓакон Стеван Барјактаров