Света Архиерејска Литургија на празникот на Слегувањето на Светиот Дух (29.05.2007)
На денот на Светата Педесетница, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко- кумановски г.Кирил отслужи Архиерејска Божествена Литургија во црквата на пресвета Богородица во Гостивар.
Инаку, во оваа црква пред еден месец е започнато фрескописањето, со кое привршуваат работите околу црквата.
Како и секогаш, на Литургијата не изостана и проповедта која ја искажа Владиката, а која имаше спасоносно значење:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Денес драги браќа и сестри за нас пак е последниот голем ден од воскресенскиот празник. Денес Го славиме третото Лице од Светата Троица, Кој ни дава благодети преку кои се спасуваме. Сите Три Лица се Едносушни. Исто како сонцето кои има три нешта: круг, светлина и топлина. Ние, преку Светиот Дух ги примаме благодатните дарови: правдата, мирот и духовната радост. А благодатните дарови ќе ги познаеме дека се во нас само ако правиме добри дела. Најпрво потребна ни е верата во Бога; преку верата да Му благодариме на Бога што ни дал живот, здравје, моќ, сила, способности, воздух, сонце и сите духовни и телесни добра. А ако видиме дека сите луѓе, и подалечни и поблиски, ги сметаме за свои браќа и со нив живееме во мир, љубов и правда, ако видиме дека живееме чист и морален живот, дека никого не навредуваме, дека правиме добри дела, помагаме на сиромаси, сираци -тоа ќе значи дека благодатниот дар на Светиот Дух живее и дејствува во нашите срца и души.
Денес, нашата Христова Црква го прославува својот роденден. Бидејќи светите апостоли токму на овој ден во вид на огнени јазици го примија Светиот Дух. И мораме да назначиме дека од тука сѐ почнува.
Како што на денот на Педесетница апостолите се исполнија со Светиот Дух, така и врз нас, по сесрдна молитва, ќе се излие благодатта на Светиот Дух и ќе ги напои нашите срца за да дадат плодови на Светиот Дух со кои светот духовно се храни. А плодот на Духот е љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста и воздржливоста...(Гал.5, 22-23).
Божјите дарови можеме да ги добиеме само од Бога.
Затоа Го молиме секогаш, а посебно денес, кога на Вечерната на колена ги читаме молитвите на коленоприклонението да не нѐ лишува од својата благодат, туку да нѐ освети и да ни даде сили да можеме сите да принесуваме плодови на Светиот Дух, посебно првиот и најважниот плод - љубовта. Амин!“
По Литургијата и Вечерната беше приредена братска и сестринска трпеза на љубовта.
известува: о. Синиша Ристовски