Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во црквата на света Петка (06.06.2007)

Во црквата на света Петка во с. Вратница (тетовско), на празникот на светите цар Константин и царица Елена, беше отслужена Божествена Литургија со која чининачалствуваше архиерејскиот намесник протоерејот Мирко Станковски во сослужение со парохискиот свештеник Перица Бојковски и повеќе свештено-служители од Тетовското архиерејско намесништво.

 

По завршувањето на Божествената Литургија многубројниот народ заедно со свештенослужителите се упати кон месноста Честодубје каде што е во изградба манастирски комплеск посветен на денешниот празник посветен на светите цар Константин и царица Елена. На тоа место беше пречекан Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски, г. Кирил. Пред да се пресечат кумските колачи и да се изврши Водосветот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил се обрати до богољубивиот присутен народ.

 

Најпрво Владиката зборуваше за автокефалноста на МПЦ и ги пофали жителите на Вратница кои живеат тука и надвор од Македонија, во дијаспората, дека создаваат дела коишто се успех за Македонската Православна Црква и за македонскиот народ. Меѓу другото одржа и пригодна проповед за светите Константин и Елена со следниве зборови:

 

„Овој светител царот Константин уште во четвртиот век донел многу значаен закон – едикт кој е познат меѓу нас како Милански едикт. Во тој Милански едикт се кажува дека престанува гонењето на христијаните, односно христијанската вера е прогласена за државна религија, а пак 325 година по негова иницијатива, како голем христијански цар, се одржува и првиот Вселенски собор во Никеја каде се донесени првите 8 членови од Символот на верата. Неговата заложба, а особено заложбата на неговата мајка, св. Елена, заслужуваат голема почит за нас христијаните. Таа, проникната во големата христијанска љубов и силната вера, оди низ светите христијански места и во Ерусалим го пронаоѓа Чесниот и животворен крст, на кој бил распнат нашиот Спасител Господ Исус Христос. Може да се каже дека пронаоѓањето на ова свето дрво се случило на многу чудесен начин. Имено, светата царица заедно со своите археолози пронашла три крстови, по што се запрашале како ќе го откријат вистинскиот Христов крст. По Божјо провидение поминувала поворка со упокоен човек и тогашниот патријарх наредил сите три крстови да се допрат до мртовецот. По допирот со првиот не воскреснал, ниту по вториот допир не воскреснал, но кога дошол до третиот крст, тогаш Божјата сила го воскреснала мртвиот. Добро е да се каже дека Царицата била голем ктитор – градител на манастири низ Светата Земја, за што ни сведочат и до ден денес, како што е примерот со храмот посветен на светото Воскресение Христово. Исто така и со царот Константин се случило едно големо чудо, имено, кога требало да оди во војна со царот Максенциј на небото се појавил знак во вид на крст, под кој стоел натписот: со ова ќе победиш.“

 

Исто така кога спомнавме за крстот, Владиката, зборуваше за научниците од Русија кои ја докажале мистичната сила на крстниот знак. Истражувањата спроведени во лабораторијата на медицинското–биолошките технологии во институтот за индустриска и морска медицина, постанале права сензација, пишува весникот „Живот“. Научниците експериментално докажале дека крстниот знак ги убива микробите и ги менува оптичките особини на водата.

 

 

                        

 

„Потврдивме дека древниот обичај, храната и пијалокот да се крстат пред јадење, има длабока смисла“  - вели физичарката Ангелина Малаховска. „За тоа се крие практична корист: храната се очистува буквално во миг. Тоа е големо чудо кое се случува буквално секој ден“. Исто така е воочливо и благотворното влијание на молитвата и крстниот знак во човекот: кај сите испитаници се стабилизирал крвниот притисок и се подобриле резултатите од анализата на крвта.

 

Научниците го провериле дејството на молитвата „Оче наш...“ и на крстниот знак врз патогените бактерии. Заради истражувања, земени се примероци вода од разни места: бунари, реки, езера. Сите примероци содржеле бактерија. Се покажало дека по прочитаната молитва „Оче наш...“ и осенувањето со крстниот знак, штетните бактерии се намалувале за десет, па дури и за сто пати.“

 

Еве драги браќа и сестри видовте колкава сила има чесниот крст, преку кој нашето православие секогаш победува. Божјиот благослов нека ве следи низ целиот ваш живот и продолжете да градите дела коишто се од постојан карактер. АМИН!!!   

 

Потоа беа благословени кумските колачи и беше извршен Водосет и беше приредена трпеза на љубовта.

 

Инаку, значајно за овој крај е тоа што за време на воениот конфликт Митрополитот Кирил многу му помогна на ова население доделувајќи му хуманитарна помош во храна и лекови.

   

известува: свештеник Синиша Ристов