Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Претседателот Бранко Црвенковски ја одликува Македонската Православна Црква со „Орден на Република Македонија“ (08.06.2007)

Претседателот Бранко Црвенковски донесе указ со кој ја одликува Македонската Православна Црква со "Орден на Република Македонија". Претседателот Црвенковски, како што соопшти неговиот кабинет, ова највисоко државно одликување го доделува по повод 40-годишнината од автокефалноста на МПЦ. Орденот на Република Македонија на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, претседателот Црвенковски ќе му го врачи во недела, на 10 јуни, на свечена церемонија во црквата на Света Софија во Охрид. Чествувањата по повод 40-годишнината од автокефалноста на Македонската Православна Црква ќе започнат со Архиерејска Божествена Литургија во 8.00 часот во манастирската црква на свети Пантелејмон и свети Климент Охридски на Плаошник. Со Божествената Литургија ќе чиноначалствува Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј во сослужение со Митрополитот Брегалнички г. Иларион и викарниот епископ Хераклејски г. Климент.