Vesti i nastani
 
 
 
 
 

МПЦ доби одликување „Орден на Република Македонија“ од Претседателот Црвенковски (10.06.2007)

Денеска претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски му го врачи  највисокото државно одликување - Орден на Република Македонија на поглаварот на Македонската Православна Црква г.г. Стефан.

Свеченоста се одржа во соборната црква на Света Софија во Охрид. На свеченото врачување присуствуваше и единствениот жив сведок на чинот на возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Меѓу присутните беа и претставници на дипломатскиот кор во Македонија, на јавниот и политичкиот живот во земјава и на локалните власти од Струга и Охрид.

 

         

Со доделувањето на највисокото државно одликување им оддаваме почит на сите минати и сегашни членови на Македонската Православна Црква, а во оваа прилика посебно би го спомнал обновителот на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква - г.г. Доситеј, првиот поглавар на МПЦ, од чие раѓање минатата година одбележавме сто години, рече претседателот Црвенковски.

Нашата Црква не би била во вистинска смила на зборот македонска кога не би ја имала истата судбина на се друго што го носи предзнакот македонско - народ, јазик, идентитет, култура, а тоа е да биде негирана, условена, обесправена, работи што не припаѓаат само на минатото, туку, за жал, се присутни и денес. Никој не може да измисли ниту народ, ниту Црква. Може да се измисли само тоа што не постои, а постоењето на македонскиот народ, држава и Црква не можат да го видат само оние кои ги држат своите очи упорно затворени. Ова е Црква за народот и со народот. Таа опстојува затоа што е народна, затоа што е израз на волјата на народот кој ја сочинува и ја сака таква каква што е – македонска, истакна Црвенковски.

Заблагораувајќи се за највисокото државно одликување, Архиепископот Охридски и Македонски  г.г. Стефан истакна дека ако некој народ има причина да ѝ биде благодарен на својата Црква за својот развиток и опстојување, македонскиот народ има многу причини за тоа.

Нашата национална е и црковна и црковната е национална историја. Преку Црквата сме се осознале и растеле како народ. Како вистинска мајка не водела и во опасностите и неизвесностите бдеела  врз својот народ. Во времињата кога немавме своја држава, нашата Црква ни беше и Црква и држава, ни беше сѐ. Храмовите и манастирите ни беа источници и сејачи на писменоста и книжнината, на просветата и културата, ни беа и училишта и лечилишта, ни беа и ни опстанаа и дом и покров за сиот наш народ, рече г.г. Стефан. Тој додаде дека славната охридска Света Софија е жив сведок и на многу несреќни и трагични, но и на радосни мигови.

Архиепископот г.г. Стефан истакна дека доделениот Орден им припаѓа на сите „кои тагуваа по славната Охридска Архиепископија, на сите кои се обидуваа да ја обноват, на оние кои по поразите во востанијата и бурите остануваа простум, на оние кои за ништо не ја менуваа слободата на татковината и Црквата и, конечно, на оние кои во 1967 година ја вратија целосната слава на древната Охридска Архиепископија“.

извор: МИА