Архиерејска Божествена Литургија во Краун Поинт, Индијана (11.06.2007)
Во втората недела по Светата Педесетница, на денот кога Православната Црква го празнува преподобниот Никита епископ Халкидонски, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј отслужи Божествена Литургија во црквата на св. Петар и Павле во Краун Поинт, Индијана. На Литургијата, владиката Методиј ја изговори следнава беседа:
„Возљубени браќа и сестри, онака како што Господ ги повика Светите Апостоли на нивната мисија - зашто и самото име Апостоли значи испратени, оние коишто Господ ги испрати да го проповедаат Евангелието Божјо по целиот свет - исто така и секој христијанин Господ го праќа во овој свет за да сведочи за Христовото Евангелие. Нашето сведоштво не може да биде идентично со сведоштвото на Светите Апостоли, меѓутоа тоа може да биде сеопфатно како што беше и нивното. Зашто, Бог нѐ испраќа не само со збор да проповедаме туку да проповедаме со живот, да проповедаме со трпение, да проповедаме со покајание. Зашто нашата проповед, нашата мисија е подеднакво важна како и мисијата на Светите Апостоли. Со еден збор, со едно добро дело ние можеме да спасиме една човечка душа. Со еден лош збор, со еден лош гест ние можеме на тој човек да му го затвориме Царството Небесно. Токму затоа и Господ поучувајќи нѐ преку Евангелските четива за тоа на кој начин живееја, на кој начин се подвизуваа Светите Апостоли, и нас нѐ поучува на кој начин ние треба да постапуваме, зашто нашата мисија е навистина одговорна; нашата мисија е најпрвин спасението на нашата сопствена душа, меѓутоа велиме спасението е соборно, се спасуваме сите заедно и токму затоа треба да внимаваме на сето она што го правиме. Љубовта да биде темел на секој наш гест, на секој наш збор, на секоја наша мисла, зашто не стоиме само пред луѓето, ние стоиме и пред живиот Бог Кој ги гледа нашите дела, Кој го слуша нашето срце и нашите помисли и токму затоа во сѐ и пред сѐ нашето апостолство треба да биде апостолство на љубов, апостолство на ширење на Светото Евангелие преку љубовта во животот, во делата, во мислите - љубовта во сѐ што го чини нашиот живот. Ако имаме таков живот, ако имаме такви дела, и ако имаме такви мисли, Бог ќе го прими нашето Апостолство и мнозина ќе се спасат преку него. Ако пак нашиот живот не биде таков, тогаш крајно време е да се вразумиме и да се сетиме на апостолството на овие подвижници од Евангелието, на Светите Апостоли, па да почнеме да ги подражаваме и навистина да бидеме чеда Божји, зашто Бог нѐ повика од небитие во битие, нѐ повика во овој свет за апостолство, нѐ испрати секаде по овој свет, да сведочиме не само на најблиските туку и на сите луѓе коишто живеат и тука и насекаде. Нашето апостолство на тој начин е универзално. Универзалната димензија на тоа апостолство е во тоа да сведочиме исполнувајќи ги Божјите заповеди, постојано живеејќи за Светата Литургија и живеејќи со Светата Литургија, зашто ова што Му го принесуваме денес на Бога како Света Литургија, тоа нема ниту почеток ниту крај во овој свет. Оваа Литургија ја служиме заедно со Светите Апостоли, заедно со сите Светии, со Светите Ангели и таа трае во вечноста на живиот Бог. Таа Литургија ја служиме и во неа живееме и тогаш кога ќе го напуштиме овој храм, кога ќе се вратиме дома меѓу нашите блиски, кога ќе ја поставиме трпезата во нашата куќа, кога одиме по улица и се поздравуваме, тогаш кога ги празнуваме нашите празници, тогаш кога ги испраќаме нашите покојни - секогаш и во сѐ ја служиме Светата Литургија, зашто таа е служба на живиот Бог и таа не престанува ниту тука, ниту во Царството Небесно. Амин.“
известува: ѓакон Стеван Барјактаров