Архиерејска Божествена Литургија во манастирот на свети Еразмо Охридски (18.06.2007)
Празнувањето на свети Еразмо Охридски во Македонската Православна Црква најсвечено се празнува во Дебарско-кичевската епархија, бидејќи единствените цркви и манастири кои се посветени на овој Светител се наоѓаат во оваа епархија.
Најсвечената прослава се одвива во манастирот на свети Еразмо Охридски, кој се наоѓа на 6 км. оддалеченост од Охрид, по магистралниот пат Скопје - Охрид. Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј со свештенослужители од Охридското архиерејско намесништво на 14 јуни - четврток, вечерта отслужи празнична Вечерна на која изврши и благословување на Петолебие. Малечката манастирска црква беше преисполнета со верници, коишто трпеливо во редица од педесетина метри, со свеќи во рацете, чекаа за да влезат во неа. Верниот народ пред иконата на Светителот палеше свеќи и во доцните вечерни часови, а поединечно доаѓаше и во текот на ноќта.
Утредента Владиката со свештенослужителите отслужи Божествена Литургија, на која со празнично слово се обрати кон насобраниот верен народ, а потоа со Литија сите заедно излегоа во манастирската ливада, каде што во посебно изградена крстилница, Владиката изврши Водосвет и ги благослови и прекрши празничните лебови.
известува: свештеник Игор Никовски