Архиерејска Божествена Литургија во црквата на свети Димитриј во Скопје (25.06.2007)
На 24 јуни 2007 година, во четвртата недела по Педесетница, на денот кога Православната Црква ги празнува светиот апостол Вартоломеј и светиот апостол Варнава, во црквата на свети Димитриј во Скопје, Архиерејска Божествена Литургија отслужи Митрополитот г. Горазд во сослужение со Митрополитот Европски г. Пимен и Митрополитот Брегалнички г. Иларион. Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан на Божествената Литургија присуствуваше на тронот.
„Еве денес молитвено со Светата Литургија во храмот посветен на светиот великомаченик Димитриј, во храмот каде што пред 30 години беше извршена хиротонијата во епископски чин на Митрополитот Горазд, одбележавме 30 години епископство во Македонската Православна Црква. Гледано од денешен аспект, од денешно време, тие години беа исклучителни по Македонската Православна Црква. Кадровски, Македонската Православна Црква тогаш како да имаше почувствувано еден неизбежен вакум, една промена на генерациите и изборот на епископот тогашен Горазд во највисокиот клир на Македонската Православна Црква, значеше вистинско освежување. Тој во овие 30 години беше архереј, ќе речам, на послушание во Македонската Православна Црква. По она што го слушнавме од Светото Евангелие денес, тој одеше таму каде што ќе беше пратен и се враќаше таму каде што сметаше Македонската Православна Црква повторно да го повика и да го постави. Беше пратен во Битола, потоа во Злетовско-струмичката епархија, па во Струмичката епархија и еве своите пензионерски денови ги дочека како Митрополит на Европската епархија, од каде што кога го повика Македонската Православна Црква да ја ослободи таа епархија, тој послушно тоа го направи. Од името на Светиот Архиерејски Синод, свештенството, на верниот народ на Македонската Православна Црква, искрено му посакуваме уште многу, многу години“, по Божествената Литургија изјави Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
извор: Преминпортал