Изложба на 850 детски цртежи (26.06.2007)
Во Македонскиот културен центар при црковната oпштина “Свети Никола” од Виндзор, Канада, во сабота на 23 јуни, свечено беше отворена најголемата досега организирана изложба на детски цртежи во регионот Есекс на тема “Ние сме светот”.
Изложбата официјално ја отвори градоначалникот на општината Ла Сал, господинот Гери Бакстер. На присутните, поздрави од премиерот Стивен Харпер им пренесе членот на федералниот Парламент Џеф Ватсон. На отварањето беа присутни опозициониот парламентарец Брајан Маси и други општински и образовни функционери, како и повеќе од 600 гости. Пригодни поздравни говори одржаа претседателот на црковната општина Менде Талески и протојереј-ставрофор д-р Александар Мустеников.
Во рамките на отварањето на изложбата свој настап имаа децата музичари Петар Митрев, Амбер Дубоа и Бојан Јончевски. Организаторите распишаа конкурс за детски цртежи и поведоа акција која опфати над 100 училишта со скоро 7000 ученици. На изложбата зедоа учество над 850 ученици од околу 60 основни училишта. Беа доделени 18 предвидени награди меѓу кои и добитникот на главната награда од 500 долари на ученикот од петто одделение Тони Панти.
На овој настан беше промовиран новиот изложбен простор со должнина од 300 метри кој е еден од поголемите и поатрактивни во регионот Есекс.
Изложбата е организирана со двојна цел. Од една страна да им даде можност на најмладите со линии, бои, облици и визуелни симболи да го прикажат својот однос кон заедничкото живеење во Канада, и да го изразат богатството и разновидноста на културите во оваа заедница.
Од друга страна оваа изложба има за цел да го даде својот придонес кон афирмација на македонската заедница во Виндзор и околината. Под покровителство на Македонскиот центар, оваа година иницијатори и организатори на регионалната манифестација беа Вера Најдовска, Глигор и Маре Стефанови.
Овој центар иницира низа активности кои ги надминуваат локалните национално-религиозни рамки. Овој центар почна да делува пошироко во овдешната јавност како институција која внесува нови и оригинални содржини во мултиетничкото живеење во Канада. Во март месец беше многу успешно организирана регионална модна ревија која по барање на посетителите и учесниците ќе стане традиционална осмо-мартовска манифестација. Дел од приходот од манифестацијата беше дониран на Здружението за борба против ракот на градите.
известува: Глигор Стефанов