„Соочување со апсурдот“ (26.06.2007)
Во издание на „Библиотека Воведение“ при Манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса, излезе од печат книгата Соочување со апсурдот на Струмичкиот Митрополит Наум. Книгата е издадена по повод 40 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, и е посветена на нејзиниот Свет Архиерејски Синод, особено на првиот по чест меѓу еднаквите во него – Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Предговор
„Соочување со апсурдот“ е книга која настана како директен и жив(оносен) одговор на една многу конкретна и сѐ уште актуелна црковна состојба, која опфаќа временски не толку долг период, колку што според содржината на случувањата, за православните христијани во Македонија посебно и воопшто за православните христијани, исклучително критичен. Затоа значењето и местото на ова аксиолошко дело-лектира, во нашата теолошка литература е навистина посебно.
Извесен дел од текстовите на коишто читателот ќе наиде во оваа книга веќе беа објавени во „Школа за исихазам“, дело исто така на Струмичкиот митрополит Наум, во кое е широко поставен ‘проблемот’ што Македонската Православна Црква го има со Српската Православна Црква, како и тоа од каде тој произлегува и во што се состои неговото решение – се разбира секогаш низ призмата на неизземливото, вечноактуелно светоотечко Предание, кое пред сѐ е длабоко подвижничко и литургиско, а заради тоа и неодминливо исихастичко.
Но, бидејќи пастирската посветеност на нашиот Епископ иницираше одговор на уште некои аспекти од ‘проблемот’ што во меѓувреме се отворија, се појави и една, да речеме повеќе практична потреба, сите тие текстови досега објавени во разни печатени и електронски медиуми, заедно да бидат ставени во една посебно издвоена целина. Во неа, благодарение на опитното и длабоко проникливо духовно око на нашиот Епископ биваат разобличени и симнати сите, како што пишува и тој самиот во Воведот, обвивки со кои е замаскиран проблемот, било да се тие канонски или литургиски или етнофилетистички или политички обоени, при што, на крајот доаѓаме до неговата суштина: непросветленоста на одговорните личности. Страста за световна власт и слава е неразделна од непросветленоста како и од демонот поврзан со неа.
На таквиот, до срж соголен ‘проблем’, авторот на неколку места во книгата, секогаш приоѓајќи интроспективно, нуди конкретно, конечно и пред сѐ функционирачко решение коешто за православни браќа, кои исповедаат едно и исто „Верувам“ нема зошто да не биде прифатливо и спроведливо во пракса.
Што се однесува пак до проблемот од типот на ‘името на една Црква’, во услови кога целото Православие користи етнички интонирани имиња и притоа наголемо ја поттикнува ереста на етнофилетизмот во пракса, тој е просто смешен, да не речеме измислен.
Така, додека ние православните години наред, со еден крајно игнорантен однос, просто мижејќи се соочуваме со овој ‘апсурд’, тој сѐ појасно се исцртува на историскиот хоризонт од овој свет и век, и тоа како страшно предавство не на некакво си таму апстрактно Православие, туку на Самиот наш Господ и Спасител Исус Христос, Кој ни кажа: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6). И уште: „Ако сте го направиле (не сте го направиле) тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (не сте Ми го направиле)...“ (Мат. 25, 40-45).
Според тоа, познавајќи го нашиот Епископ, знаеме дека неговата пастирска борба не е заради и единствено за признавањето на Македонската Православна Црква, особено кога знаеме дека ниту со признавањето нешто ќе ѝ се придодаде или пак со непризнавањето нешто ќе ѝ се одземе, туку пред сѐ заради единството и полнотата на Православната Црква воопшто, и заради соборното сведоштво на најпрекрасниот меѓу синовите човечки, нашиот Спасител и Господ Исус Христос… „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јован 13, 34-35).
А застапништвото на Неговата Пречиста и Преславна Мајка Богородица и секогаш Дева Марија да биде постојано со нашиот возљубен Епископ и духовен Отец, и преку него со сите нас!