Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид (04.07.2007)

Празнувањето на свети Наум Охридски Чудотворец во истоименитиот манастир на Охридското Езеро е настан од исклучителна важност за секој православен верник не само од Македонија, туку и од соседните православни народи, кои на овој ден во големи групи доаѓаат во манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“.

Така беше и оваа година - десетици илјади верници од цела Македонија и пошироко, започнаа да доаѓаат во попладневните часови од понеделникот, повеќе часови пред почетокот на Вечерната богослужба, а колоната на верници, кои трпеливо чекаа за да влезат во манастирската црква за да се поклонат на гробот на свети Наум, продолжуваше и во доцните полноќни часови. Всушност и преку ноќта не престануваа поклоничките доаѓања.

Празничната Вечерна богослужба започна во 19.00 часот. На Вечерната богослужеше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, Охридски архиерејски намесник, јеромонах Доситеј, собрат на Бигорскиот манастир и ѓаконот Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија. На крајот од Вечерната, по благословувањето на петолебието, Владиката одржа кратко слово обраќајќи се кон верниот народ.

 

          

 

         

 

Утредента свештенослужителите и верниците пред манастирската црква и со звукот на манастирските камбани, ги пречекаа поглаварот на Македонската Православна Црква Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, придружуван од протоѓаконот на Скопската митрополија Антонио Дујовски, надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија Митрополит г. Тимотеј, и Митрополитот Струмички г. Наум, придружуван од архимандритот Арсениј.

На светата Литургија, која што започна во 09.00 часот, пееше реномираниот охридски машки хор „Св. Климент Охридски“. На крајот од Божествената Литургија, кон големиот број на верен народ со празнична свечена беседа се обрати Неговото Блаженство г.г. Стефан, а потоа владиците и свештенослужителите излегоа во манастирскиот двор, каде што  извршија Водосвет и Архиепископот ги прекрши и благослови празничните лебови. Воедно Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот г. Тимотеј, на Владиката г. Наум му го честитаа и именденот, пожелувајќи плодотворни дела на епархиската нива.

Православните верници и понатаму во текот на денот пристигнуваа во манастирот за да се поклонат на гробот на свети Наум Охридски.

 

         

 

         

 

        

 известува: свештеник Игор Никовски