Vesti i nastani
 
 
 
 
 

МПЦ одбележува 40 години од возобновувањето на автокефалноста (14.07.2007)

Македонската Православна Црква на 17 јули ќе го одбележи големиот јубилеј - 40 години од возобновувањето на автокефалноста - самостојноста.

 

Во рамките на програмата по повод одбележувањето на јубилејот на 14 јули (сабота) ќе се одржи Вечерна богослужба во црквата на свети Климент Охридски на Плаошник. По завршувањето на богослужбата во 20.40 часот, ќе се одржи свечена академија во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“. На 15 јули (недела) ќе се одржи Архирејска Божествена Литургија во катедралниот храм на охридските архиепископи на Света Софија.

 

Пред 40 години (на 17 јули 1967 година), Светиот Синод на МПЦ во Охрид го свика Третиот црковено-народен собор и на свечената седница во охридската црква на Свети Климент Охридски ја прогласи Македонската Православна Црква за автокефална. Тоа се случи точно 200 години по неканонското укинување на автокефалната Охридска Архиепископија во 1767 година, остварено со одлука на турскиот султан Мустафа Трети, а по барање на Цариградскиот патријарх Самуил Први.

 

До Првата светска војна епархиите на сегашна Република Македонија се наоѓаат под црковна јурисдикција на Цариградската Патријаршија. По Првата светска војна епархиите потпаднаа под окупација на Српската држава и затоа преминаа под управа на Српската Православна Црква. Со почетокот на Втората светска војна српските епископи заедно со својата војска и полиција ги напуштија овие епархии со кои управуваа 20 години и на нивно место се најдоа епископите на Бугарската Православна Црква.

 

Пред завршувањето на војната, во 1944 година во селото Врановци е создаден Иницијативен одбор за организирање на Македонска Православна Црква. Во март 1945 година во Скопје се одржа првиот Црковно-народен собор на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска Православна Црква. Одлуката е доставена и до Архиерејскиот Собор на Српската Православна Црква бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Српската Православна Црква. Архиерејскиот Собор на СПЦ не ја прифати одлуката и во своите натамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална бара да биде признаена како самостојна Црква, но повторно не наидува на одобрување.

 

Во 1958 година, во Охрид се одржа Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Светиклиментовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.

 

Одлуката за самостојност на МПЦ беше потврдена преку отслужувањето на заедничка Архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на јули 1959 година во црквата на свети Мина во Скопје, и во исто време е извршена и хиротонија на Преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот Архиерејски Синод на СПЦ ѝ даде самостојност на МПЦ, со тоа што таа и натаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот патријарх. По неколку дена во црквата на свети Никола во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г.Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

 

Во мај 1962 година во придружба на патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ во посета на МПЦ пристигна патријархот Московски Алексиј, придружуван од Митрополитот Никодим, Епископот Пимен и повеќе великодостоинственици на Руската Православна Црква. На празникот на светите Кирил и Методиј во црквата на Пресвета Богородица - Каменско во Охрид беше одржана и Архиерејска Литургија на која што служел патријархот Московски Алексиј во сослужение со патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополот Македонски Доситеј. Тоа беше прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални Цркви.

 

Доситеј беше поглавар на Македонската Православна Црква од 4 октомври 1958 до 20 мај 1981 година. По него Архиепископи на МПЦ беа: г.г. Ангелариј (18.08.1981 г. до 15.07.1986 г.), г.г. Гаврил (04.10.1986 г. до 09.06.1993 г.) и г.г. Михаил (21.12.1993 г. до 06.06.1999 г.).

 

Актуелниот Архиепископ г.г. Стефан е поглавар на Македонската Православна Црква од 09.10.1999 година.

 

МПЦ има 13 епархии од кои седум се во Македонија и шест во дијаспората. Со епархиите управуваат 10 Епископи на кои има помагаат над 500 активни свештеници. МПЦ има околу 500 парохии, со повеќе од 2.000 цркви и манастири. Со осамостојувањето МПЦ има основано Средно Богословско училиште и Православен Богословски факултет во Скопје.

 

Црковната традиција се одвива векови наназад.

 

Христијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и проширува светиот апостол Павле при своите мисионерски патувања за што сведочат и делата апостолски. На тие негови патувања го придружуваат и апостолите Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и светиот апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува светиот апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Светиот апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Што значи уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на четвртиот век христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква со црковна епархија, чии Епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските собори.

 

Во петтиот век на просторот низ цела територија на Македонија постојат повеќе митрополии и епископии од кои најпознати биле Солун, Скопје, Хераклеа, Баргала и Стоби. Во тој период низ цела територија на Македонија никнуваат многу ранохристијански базилики. За време на владеењето на царот Јустинијан Први (527-565) кој потекнувал од с.Таврисион, близу до денешно Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близина на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ. Кателијан бил првиот Архиепископ на Архиспископијата Јустинијана Прима во тоа време трета по чест меѓу помесните Цркви, после Рим и Цариград. Имало и други Архиепископи како што се: Бененат, Павле, Јован Први, Леион и последниот Јован Деветти , кој во 680-681 година учествува на Трулскиот Собор во Цариград.

 

Делото на светиот апостол Павле и светиот цар Јустинијан Први го продолжуваат светите браќа Методиј и Кирил и нивните ученици светите Климент и Наум Охридски. Во втората половина на десеттиот век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија врз темели на Јустинијана Прима во достоинство на патријаршија. По паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на Архиепископија и како таква постои цели осум века, се до 1767 година кога е укината, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

 

Извор: МИА