Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Вечерна богослужба во црквата на свети Климент Охридски на Плаошник (15.07.2007)

Празничната Вечерна богослужба започна во 19.00 часот. На Вечерната богослужеше Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение со архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, охридски архиерејски намесник, јеромонах Доситеј, и свештенослужители од Охридската епархија.

 

 

      

 

 

 

      

 

Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил во чест на одбележувањето на јубилејот на МПЦ и неговиот личен јубилеј (40 годишнина од архипастирската грижа за православниот македеонски народ), одржа пригодна беседа: 

Во животот на секој човек, создаден од Бога, има настани кои остануваат во вечен незаборав.
Повикани сме преку мајчинскиот глас на нашата Света Црква денес и утре да се најдеме во нашиот македонски и сесловенски древен Охрид. Поводот е голем и значаен за нас - чедата на библиска Македонија, без оглед каде и да живееме. Деновиве сите му се радуваме на реткиот историски и судбински настан кој е од огромно значење за потврда на нашиот вековит опстој на овие македонски простори и по сите меридијани од земјината топка. Овој светол јубилеј е живо сведоштво дека можеме како библиски македонски народ да живееме и да твориме во полна државотворна и црковно-духовна слобода.
Се исполнуваат четириесет години од големиот историски чин, кога Господ нè вдахнови и умудри на 17 јули 1967 година, Светиот Синод на Македонската Православна Црква, да ја донесе значајната Одлука за возобновување на целосната автокефалност на древната и славна Охридска Архиепископија олицетворена во денешната Светоклиментова Македонска Православна Црква. Со тоа ја отстранивме големата и тешка неправда која што и беше нанесена на Охридската архиепископија во 1767 година, кога беше незаконски пресечен нејзиниот животен крвоток од страна на иноверната отоманска власт.
Поаѓајќи од фактот дека се направени безброј неуспешни обиди за обнова на нормално живеење на нашата Света Црква од нејзиното укинување во 1767 година, и имајќи ги предвид барањата на нашето народно авангардно свештенство од 1943, 1945 и 1946 и богољубив православен народ во Татковината и дијаспората, чувствувавме дека гласот на нашиот верен народ е и глас Божји. Затоа и го послушавме!
Тогаш, озарени и вдахновени од Бога и од мудроста и молитвената закрила на вечно живите пред Бога, Свети Климент и Свети Наум Охридските Чудотворци, Светиот Синод на обновената во 1958 година, самостојната Македонска Православна Црква на чело со Архиепископот Доситеј и високопреосвештените митрополити: Климент, Наум и Методиј, како и мојата смерност, во предпладневните часови во црквата Света Богородица во Охрид, ја донесовме и потпишавме историската Одлука за целосната возобнова на автокефалноста на нашата Света Црква.
Веднаш потоа се упативме во катедралната cрква Света Софија, каде нѐ очекуваа членовите на највисокото законодавно тело - АЦН Собор. По презентираниот опширен елаборат и објавата на Синодската Одлука, истата беше со бурни овации и голем восхит и радост поздравена и едногласно прифатена од сите членови. Овој настан претставуваше повик до целиот македонски народ за целосно национално и духовно измирување и обединување. Оваа историска Одлука, објавена од Aрхиепископот Доситеј, беше проследена со биење на камбаните во сите цркви и манастири во Татковината и во дијаспората, каде радоста за победата на македонската црковна правда и вистина беше метеорски пренесена.
Со овој историски чин засветли големата божествената сенародна македонска вистина што беше и силна гаранција дека и богољубивиот Македонскиот народ на црковен план ќе може да ја ужива и да и се радува на од Бога дарената полна црковно-духовна слобода и да ја преточува во дела што ќе биде потврда на неговото длабоко православие. Со тоа ја отстранивме двовековната обесправеност и духовна подјарменост.
Потписот на историската Одлука го ставивме со возвишен духовен и сенароден патриотски трепет и вознес, зашто сите знаевме дека оваа и ваква Одлука е од Бога благословена. Во тој миг бевме убедени дека ги исполнуваме заветите и светите аманети и пораки на сите доблесни македонски синови и ќерки и во овоземната и во небесната Христова Црква, заветите на сите македонски светии, учители, просветители и плејада борци и поборници за национална и црковна слобода. Тогаш зедовме свечена и заветна обврска, дека ја обновивме славата на Охридската Архиепископија, со цврста убеденост дека таа вечно ќе се чува и ќе се пренесува на идните генерации како израз на полнотата на нашето црковно-национално нераскинливо македонско заедништво.
Еден богомвдахновен мислител ќе порача: „Слободата е вечна, но таа постојано треба да се освојува“. Со обновата и го вративме животот на нашата Света Црква и го вративме сјајот и ја вративме душата.
Плодородното светоклиментово македонско стебло нема да допуштиме по никоја цена да биде пресечено. Црквата е на сите нас и ние сме должни да ја чуваме. Треба постојано да бдееме над спечалената слобода и несебично да се вградуваме и да вложуваме во нејзиниот развој и растеж.
На еден народ, на една црква, на една држава да им го одземеш името, е исто како и да им ја одземеш душата, а со тоа им го одземаш животот. Нашиот живот и опстој е во нашите раце. Името, самостојноста и автокефалноста на нашата Света Црква, се наши темелници. Нивното достоинство и чест сме ги повратиле со беспоштеден самопрегор и труд за да допуштиме тие да бидат препуштени на некои злочестиви алчни апетити.
Како жива и организирана Света Црква со право се надеваме дека ќе надвладее љубовта и трезвениот разум кај великодостојниците на сестринските православни цркви и дека за скоро ќе се најдеме на заедничка евхаристиската трпеза како вистински рамноправни чеда пред Бога.
Тој историски настан ни помогна да го доживееме новото воскресение на нашето сенародно, црковно - духовно живеење и творење во Татковината и во дијаспората. Плодовите на нејзиното творештво од 1967 година преку нејзиното организирано живеење се импресивни. Во еден подолг период доживувавме вистинска ренесансна преродба и покрај огромните тешкотии и искушенија со кои се соочувавме.
Сочувувањето на спечалените највозвишени вредности за својот народ, како резултат од извојуваната слобода, бараат длабока мудрост, единство и одговорност, особено во тешките мигови. „Големите луѓе секогаш се најголеми во тешките моменти а најсилно се потврдуваат кога пак ќе извојуваат победа“. Целосната обнова на нашата Света Црква ни помогна да постигнеме целосно духовно будење и вистинско национално осознавање. Таа на овој план импозантна улога одигра во дијаспората.
Да Му благодариме на Бога што повторно се издигнавме како Феникс.
Ретка пригода е од името на сите кои се преселени во небесната црква и од наше име, со голема почит да искажеме благодарност на нашата Македонска власт на ценетите меѓународни мировни фактори, на македонските медиуми за презентирање на позитивните настани и остварувања на нашата Света Црква во текот на нашето четиридецениско автокефално живеење.
Благодарност кон сите наши научни и просветни институти и институции. Кон сите трудбеници, штедри дарители и подржители на нашата Света Црква. Кон сите верски заедници за нивниот братски однос и соработка на нашата остварена црковна правда и вистина.
Затоа, да продолжиме предано да живееме и да твориме, по примерот на нашите доблесни предшественици, творци на трајни дела за нашата Света Црква, нашиот благороден народ и Татковина, за и тие да живеат и да творат за нас и со нас за навек.
Нека ни бидат честити и вековити јубилејните радости!
Господ на мирот и љубовта да биде со сите нас, сега секогаш и низ сите времиња и вечност.
Господ да ни ја благословува и чува нашата Света Црква, нашата Татковина, нашиот христољубив народ.
Господ да дарува вечен мир и благосостојба меѓу сите мирољубиви и правдољубиви народи и земји во светот!

известува: Калина Трпеска