Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан одржано на осветувањето на возобновената манастирска црква во Лешок (14.10.2007)

ЛЕШОК – ВОСКРЕСЕНСКО ДЕЛО НА ЉУБОВТА

 

Наоѓајќи се денес на ова свето место, овде во Лешочкиот манастир, кој има исклучително значење во духовниот, просветниот и националниот живот на македонскиот народ во овој крај и пошироко, не можам а да не го констатирам следново: навистина чудно, дури најчудно суштество е човекот! Со право рекол апостолот Павле - “никој не знае што е во човекот освен духот кој живее во него” (1 Кор 2,11).

            Нема почудни созданија на Земјава од нас луѓето! Како човек, како едника или заедно како народ можеме да бидеме – и како ангели и како демони, да бидеме и добри и лоши, и праведни и неправедни… Лешок, овој свет манастир, е жив сведок за тоа што може човекот и што можат луѓето – и во доброто и во злото! Колку малку требаше нечија омраза, па овој храм да се претвори во урнатини и колку многу љубов требаше потоа, па од купот камења повторно да се изгради ова велелепно дело!? Навистина, чудно и најчудно е тоа суштество што се именува со името - човек! А тоа чудно и тоа најчудно се потврдува токму со тоа, со човечкото и нечовечкото во него!

            Човек, кој вистински верува, без разлика дали е христијанин, муслиман, или припадник на било која вера, тој мора да верува во човекот, да верува во луѓето, со истата вера со која верува во својот Бог! – Како можеме да Го сакаме својот Бог, Кого не Го гледаме, а го мразиме својот сосед, својот соселанин или сограѓанин, го мразиме другиот само затоа што тој верува во Христа Исуса или во Мухамеда или во некој друг?!

            Човекот, кој вистински верува, тој мора секогаш и насекаде да биде подготвен да покаже поголема љубов од љубовта што е покажана кон него, да биде подготвен да прости повеќе од она што му е нему простено, или да покаже поголемо сострадание или милосрдие од она што другите го покажале кон него.

            Дали сме размислувале дека кога покажуваме, односно извршуваме непријателство кон другите, особено кон оние од друга вера, дали тогаш грешиме само кон нив, кон припадниците на другата религија, или и кон Некој друг? Старозаветната мудрост ни советува: “ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но, ако човек згреши и против Господа, кој ќе се моли за него?” (1 Цар 2,25). Оттаму, грешејќи против луѓето, секогаш грешиме и против Господа!

            Возљубени,

Нема Бог кој го оправдува злото, или кој допушта во Негово име да им правиме зло на луѓето. Овде во Лешок, односно во овој свет манастир, се случи токму тоа, но и еве - помина. Затоа, да им порачаме на сите, без разлика на верата, на нацијата или по било кое друго припаѓање: нема да сме подобри христијани или муслимани доколку ги навредуваме припадниците на другата вера или нација, доколку им правиме штети по светињите или имотите. Нема да сме подобри христијани или подобри муслимани доколку оштетиме или урнеме џамија или црква. Нема да сме подобри христијани или муслимани доколку скршиме надгробен споменик или обесветиме нешто што за другите е свето, или било каква штета му правиме на другиот само затоа што тој е различен во верското или националното припаѓање. – Сметаме ли дека сме се скриле и од очите на Господа доколку луѓето не нѐ фатат на дело, кога правиме зло? - Не! Зарем совеста во нас вечно ќе молчи и што тајно останало тајна?!

            Затоа, треба да се учиме и се научуваме на човечност! Треба да бидеме подготвени да го почитуваме туѓото како што сакаме другите нашето да го почитуваат. И повеќе од тоа: потребно е да правиме добро не само кога знаеме дека ќе ни се врати со добро, туку со нашето однесување другиот да го поттикнуваме кон добро, да го оттргнуваме од злото со нашето постојано добротворие. А добротворството нема припаѓање по верска или друга основа. Токму затоа евангелскиот Самарјанин (Лука 10, 33-37) ќе остане засекогаш пример дека треба да им правиме добро на сите луѓе, а не само на нашите по вера или по било кое друго припаѓање!

            Треба да се научиме во ликот на другиот човек да го гледаме ликот Божји! - Во секој човек, без разлика на разликите со него, треба да го бараме и најдеме образот Божји во него. Ако така постапуваме, тогаш и во непријателот ќе видиме и ќе најдеме пријател! Всушност, тогаш, победувајќи го злото во себе, ќе му помогнеме и другиот да гледа во нас пријател, да гледа човек – образ Божји, наместо свој непријател! Само тогаш, навистина само тогаш, нема да ни биде тешко да живееме со луѓето, само доколку сфатиме дека сите ние најпрво сме човек, сме луѓе – сме чеда Божји, а потоа дека припаѓаме на различни вери, нации, раси, итн. Затоа и апостолот Павле ни советува: “доколку зависи од вас - живејте во мир со сите луѓе” (Рим 12,18).

            Возљубени,

Македонија е чудна земја! И не е толку таква од себе колку што е од нас што живееме во неа. Чудна е таа најмногу од нашето чудно однесување, од однесувањето на нас, нејзините времени жители! – Никој не останал вечен овде на неа и, веројатно, таква ќе биде судбината и на оваа наша генерација. А кога како луѓе на верата – небото би ни било животна цел, а што треба и да ни биде, тогаш не би требало да ни се случуваат вакви овоземни работи.

– Кој го бара земното, тој ќе го изгуби небесното, а кој го бара временото, тој ќе го изгуби вечното! Вечните градби, какви што се светите зданија и не се урнати дури и кога ќе ги урнеме! Божјите храмови се подигаат и носат во душите на вистинските верници, тие се изградуваат со љубовта на вистинските добротворци и мирољубци и затоа остануваат да ги надживеат сите невремиња во времињата.

Лешочкиот манастир опстојувал и опстојува, сардисан или урнат – тој ќе опстојува, зашто посилна е љубовта на оние што го љубат од омразата на оние што не го сакаат. Овој свет манастир е потврда дека „Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите... Господ е близу до сите кои Го признаваат и до сите кои вистински Го призиваат“ (Пс 144, 14 и 18). Еве, со Божја помош, се најдоа пријатели, се најдоа луѓе околу нас, особено во Агенцијата за обнова при Европската заедница, кои, со другите даренија од нашиот богољубив народ, го воскреснаа во сета своја убавина славниот Лешочки манастир.

Господ – Дарителот на сѐ нека го награди дарот на сите коишто помогнаа во обновата на ова древно македонско светилиште.

Нека е честит овој ден и чинот што го извршивме. Нека се вечни Лешочкиот манастир и Македонската Православна Црква! Амин!