Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на Лешочкиот манастир (15.10.2007)

Вчера, на 14 октомври 2007 лето Господово, на празникот на Покровот на Пресвета Богородица и свети Јован Кукузел, во потшарпланинското село Лешок, беше извршен чинот на осветување и евангелисување на возобновениoт манастир на свети Атанасиј,  кој беше разурнат за време на наметнатата војна во 2001 година.

            Овој историски и свечен чин, осветување и евангелисување на Лешочкиот манастир го извршија Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, како надлежен епархиски архиереј, во сослужение со Мирополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Епископот Хераклејски г. Климент и Митрополитот во пензија г. Горазд, архимандритот на Бигорскиот манастир г. Партениј, како и поголем број на свештеници и монаси од повеќе епархии на Македонската Православна Црква.

 

 

                  

 

На овој свечен чин присуствуваа голем број на верници од живописниот Лешок, од градот Тетово и околината, како и верници кои пристигнаа од Скопје, Гостивар, Куманово и Крива Паланка. Огромното значење на овој свет и несекојдневен настан со своето присуство го потврдија и уважените гости како: амбасадорот на Европската унија во Република Македонија г. Ерван Фуере, директорот на Агенцијата за реконструкција при Европската унија г. Луиџи Сандрин; амбасадорите на пријателските земји Франција, Русија и Бугарија, претставник на Светската банка, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници г. Ѕвонко Муцунски, претседателот на Светскиот македонски конгрес г. Тодор Петров, претставници на Римокатоличката црква во Република Македонија, како и видни личности од политичкиот живот.

          

 

          

Во своето обраќање до црковните великодостојници, претставниците на Европската унија и големиот број верници, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, восхитен и со забележителна радост на лицето, им заблагодари на г. Ерван Фуере ина г. Луиџи Сандрин, за искрената и силна поддршка и помош, за возобновување наова древно македонско светилиште, чиешто потекло датира дури од VI век, и во кого се одиграле повеќе настани од историско значење за македонскиот народ.

 Митрополитот г. Кирил исто така упати зборови на искрена благодарност и до сите верни чеда на Македонската Православна Црква, како од татковината, така и од Балканските земји, Европа, САД, Канада и далечна Австралија, кои исто така несебично помогнаа ова наше древно светилиште да го добие својот поранешен сјај.

Беседа по повод осветувањето на Лешочкиот манастир одржа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Неговото Блаженство, како поглавар на црквата, кој искрено и молитвено бдее над својата паства, кој тагува заради тагата на својот народ и се радува заради добрините со кои Бог го милува, од својата блажена уста искажа зборови проткаени со искрена евангелска љубов, а кои што произлегоа од преполнетото и освештено архипастирско срце. Неговите зборови, претставуваат уште еден беседнички бисер, во кој беа начнати за да се одгатнат тајните на човековото битие, и кои многумина оставија без здив, и поттикнаа на размислување.

Потоа амбасадорот на Европската унија во Република Македонија г. Ерван Фуере, обраќајќи се кон црковните великодостојници и кон присутните верници, зборувајќи на македонски литературен јазик, им го честита осветувањето на велелепниот Лешочки манастир. На г. Ерван Фуере му беше дадена честа и историската можност, тој да го запали, за вечно да свети,  манастирското престолно кандилце.

 

           

 

           

 

 

 

 

По чинот на осветувањето, во возобновениот Лешочки манастир беше отслужена Божествена Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со споменатите архиереи на Македонската Православна Црква. На Светата Архиерејска Литургоја пееше реномираниот женски хор „Менада“ од Тетово, под диригентство на маестро Ивица Зориќ.

           

 

 

 

 

 

 

Подготвил:

свештеник Жарко Мицковски, професор