Македонската православна богословија се моли за покој на душата на Тоше (17.10.2007)
На денот кога македонската јавност тагува и сочувствува со болката на семејството на нашиот Тоше Проески, великанот на модерната македонска музика и Македонската православна богословија, учениците, заедно со ректорот и наставничкиот колегиум, молитвено се застапуваат за неговата душа, неговото спасение, се вели во денешното соопштение од ректорот на Македонската православна богословија митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Тажната вест, се наведува во соопштението, длабоко ја ожалости Богословијата, чиј голем пријател беше Тоше. Тој уште од своите средношколски денови се запозна со Богословијата, во чиј хор пееше како помошен член од музичкото училиште во Битола и од тогаш многу ја засака и секаде ја спомнуваше. Своето пријателство уште повеќе го изрази кога ги покани сите богослови, со професорите, на својот последен концерт.
Откако веста пристигна во училиштето, се вели понатаму во соопштението, секоја активност (молитва, часови, трибина...) сѐ започнува и завршува со Вечнаја памјат и тивка молитва за негов покој и спасение на неговата душа. Вчера е извршен заупокоен Акатист, а утрово, на Утринската богослужба е отслужен Молебен за покој на душата на македонската поп-ѕвезда Тоше Проески.
-Тоше беше голем верник и човекољубец и тоа е една голема причина која ни дава надеж да веруваме во негово спасение и да не очајуваме за огромната загуба на ваков наш пријател и пријател на Македонија и Црквата, како и целото човештво. Сите заедно да се помолиме за покој и спасение на верното чедо на Христа и Македонската Православна Црква и да му биде вечен спомен, пишува во соопштението од митрополитот Повардарски г. Агатангел.
извор: Калина Трпеска