Тошенце Бог да го прости (17.10.2007)
...Шокот е вистински, како да ти умрел најблизок. Чудно, но чувството е, дека е дури и некој поблизок од самото семејство. И сега, гледајќи го тоа чувство, коешто еве ден и половина се распламтува во градите, си велам, Господи, од каде ваков силен наплив на тага и љубов за некој со кого се немам ниту ракувано во животот, ниту збор разменето, а дури и неговата музика не ми беше којзнае колку по вкус??? Не престанувам да се исчудувам, додека се гушам во солзи, а неговото лице не ми се тргнува од свеста. По тој редослед: неговата појава, начинот на кој зрачеше околу себе, и од ова некоја милина се распостила по душата, и веднаш потоа, како ладен туш, како остро сечиво: Тоше погинува во сообраќајна несреќа! Не е можно, не, мора да е некоја грешка...
О, Господи, колку сме немоќни, колку сме слаби, колку сме беспомошни пред непоколебливоста на Твојот суд! Нè стави нас, сите, на проверка, да го мериме Твојот суд, ние, помалите од зрнца песок во пустината!
Не можев да одолеам, и како најпоследен разбојник, ја примив помислата, дека знам за милион криминалци, разбојници, злосторници, измамници, коишто Те мразат, хулат за Тебе, не Те сакаат, и што уште не; нив ги оставаш да чекорат во нивната омраза и во нивната тегобност, ги оставаш и ги трпиш, широкоградо и со бескрајно милосрдие! Господи, прости му на моево лицемерие, на мојава суета и мешање во Твојот суд, доволна ми е само една помисла на ЈОВ за да се смирам, но ме измачува едно кротко, едно насмеано, едно ведро и благо лице на дете, коешто ми засветли како мала свеќичка некаде на дното на срцето и со својата харизма ме пече како да имам жар во градите; огин, жив огин на љубовта којашто како да бара некој одговор од мене.
Кога ги набројав милионите злосторници, се додавам и себеси на списокот, се вбројувам меѓу најнепотребните на оваа планета, прости ми Господи, што судам за другите, зашто за Тебе никој не е непотребен и секој може да се покае, Ти знаеш и од најголемиот грешник да направиш светител, во мигови кога никој не верува и од срцата на луѓето исчезнува милоста и љубовта! Но, Господи, еве, да ме трампаш мене, место Тоше, може ли? Знам дека е доцна, но никогаш не се знае. Барем да беше сè привид, да беше невистина.
И се испреплетуваат сега повеќе нивоа: ја чувствувам за миг, колку што и е тоа можно на мојата теснограда душа, болката на Богородица, во мигот кога Христос висел на крстот, осуден од луѓето, оставен од човештвото, Синот Божји распнат и отфрлен од сите. И самото доближување до помислата на она што сега ги чека неговите родители, ме води кон страдањата на Богородица.
Застанувам пред Нејзината икона, и се молам. Да застане зад Никола и Доменика и да им помогне да пребродат.
Се распнувам помеѓу една страшна, лукративна, прагматична, или каква ти не мотивација што ме подбуцнува на бунт, на мисла дека оваа смрт е неправедна, дека по којзнае кој пат се потврдува тезата дека НА МАКЕДОНИЈА КАКО ДА НЕ Ѝ Е СУДЕНО, дека сонувам за оној миг кога гласот Божји ја спречи раката на Авраам да му го одземе животот на најмилото, на Исак.
Авраам Го послуша Бог и беше спремен на најстрашната замислива жртва. Не да се жртвува себеси, туку нешто многу повеќе од тоа, нешто во што човек се вложува целиот себеси, сè свое, својот живот, својата љубов, надеж, сè... Се обидувам да ја замислам покорноста на Авраам, всушност неговата доверба и љубов кон Неговиот Отец, но единствено што можам да најдам во себеси е дека Авраам како да насетувал или со својата интуиција антиципирал дека можеби Бог само го искушува. Со силата на својата вера и неотстапноста пред Оној во чии раце го ставил своето СЕ, Авраам всушност Го принудил да се смилостиви и да го спречи жртвопринесувањето. Го сменил текот на историјата со тоа што во неговата душа победило смирението. А да се воспротивеше, да Му речеше НЕ на Бог, да се обидеше да го зачува својот син, што ќе се случеше? Можеме да замислуваме многу ситуации, но од тој момент па наваму Авраам е оној кој е Пријател на Бога, синоним за вера, прв од трите патријарси...
Мојата вера е ставена на проба. Господ даде, Господ зеде, ми одѕвонува во главата. Само некој што преживеал многу бродоломи може да се носи со вакви настани. Сите сме гости на овој свет и знаењето за смртта треба да е составен дел од нашето основно образование. НО.
Тоше направи нешто многу чудно.
Можеби направи некоја мала револуција – пресврт во етичкиот систем во она што се нарекува јавен живот во РМ. И вистински и буквално се принесе себеси како жртва за другите. За нас, за сите нас.
Како да сакаше да рече дека голем дел од насоките во кои сме тргнале се бесмислени. Нашата поделеност, нашите кавги, себичност. И секогаш сите мислат дека се виновни тие од другата страна. Македонскиот синдром којшто Тоше се обиде да го надмине со својата вера дека дека во Бог, сè е можно. И по цена на живот.
И успеа во тоа. Замина премногу рано, но од аспект на тоа дека смртта е неизбежна и дека е премин во друг, поинаков начин на постоење (каков, сега не знаеме – Св. Јован Богослов), траењето на овоземниот живот и не е толку битно колку што е битен квалитетот на живеењето, којшто се изразува во личноста на човекот. На ваков заклучок нè наведува потресот што го предизвика неговата смрт не само во Македонија туку и пошироко, начинот на кој реагираа луѓето. Македонија е во плач два дена, и не би рекла дека тоа е обична емотивна реакција со примеси на самосожалување, што е вообичаеното психолошко толкување во ваквите моменти. Она што православното Предание ни го пренесува за светите луѓе е дека тие никогаш за себеси не велеле дека се свети, и дека дури и не знаеле за тоа, во смисла на самосвест или суета, и дека гореле од љубов за Бог и за луѓето, та затоа речиси и немале его, во смисла на себељубие.
Смирението на Тоше со коешто тој зрачеше од далеку и со тоа и без да сака самиот, ја будеше љубовта кај луѓето, без сомнение е одлика на светоста.
Господ нека го помилува, во прегратката на Авраам...
среда, 17 октомври 2007
ден на жалост во Р. Македонија
Сестра Макрина