Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија (21.10.2007)

На 21. 10. 2007 година во Дебарско-кичевската епархија се одржа јубилејната прослава на 40 години од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и 40 години од возобновувањето на Дебарско-кичевската епархија. Свеченоста се одржа во манастиот „Св. Богородица Пречиста“ - Кичевска, а поводот за организираето на овој Јубилеј да се одбележи во овој манастир беше и 160 години од почетокот на изградбата на прекрасната манастирска црква.

Свеченоста започна со Вечерна богослужба отслужена на 20. 10. 2007 година, во истиот манастир, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел со свештенослужители од епархијата и во присуство на надлежниот архиереј ан Дебарско-кичевака епархија г. Тимотеј.

Следниот ден Јубилејот беше продолжен со отслужување на света архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, и сослужение на Митрополитите Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Брегалнички г. Иларион, пензионираниот митрополит г. Горазд и епископот Хераклејски г. Климент, како и со учество на десетина свештенослужители и ѓакони. На свеченоста своето присуство го потврдија генералниот секретар на МАНУ г. академик Крум Томовски, г. академик Петар Илиевски, повеќемина ректори на факултети, истакнати видни личности во културното милје на Македонија. За Јубилејот беседа одржа Неговото Блаженство г.г. Стефан,  а потоа архиереите и свештенослужителите се упатија во новоизградениот манастирски конак каде што се изврши негово осветување.

Конакот е изграден за една година и се наоѓа на југозападната страна од манастирската црква. Изградени се два ката и поткровје. Изведувач на работите е охридската градена фирма МИТАН ПРОМ, а дел од употребениот материјал манастирот го доби како донација.

По завршувањето на осветувањето Владиката г. Тимотеј одржа кратко слово во кое говореше за Дебарско-кичевската епархија (беседата ја даваме во целост). Потоа во новиот конак се изврши промоцијата на монографијата за манастирот, насловена како МАНАСТИРОТ СВЕТА ПРЕЧИСТА КИЧЕВСКА. Текстот за монографијата го подготви д-р Стојан Ристески, а техничкото уредување и фотографија се на свештеник Игор Никовски. Промотор на книгата беше г. Паско Кузман. Монографијата се издаде во рамките на епархиската издавачка куќа КАНЕО.

 

 

Беседа на Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј

  

    „Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше преосвештенство, почитувани претставници на Р. Македонија, почитувани градоначалници, архимандрити, протоереи, ереи, протоѓакони и ѓакони, драги гости,  браќа и сестри.

    Далечната 1967 година е особено значајна за македонскиот православен народ и за Македонската православна црква. Во таа година е возобновена древната Охридска Архиепископија, со нејзиниот автокефален статус, во лицето на Македонската православна црква. За прв пат излезен е и отпечатен  Новиот завет на современиот литературен македонски јазик. Отворена е Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ и формирана е Македонската академија на науките и уметностите. Со хиротонијата на митрополитот Кирил, реализирана е замислата домородни архиереи да ги носат имињата на првите наши просветители: св. Кирил и Методиј и св. Климент и Наум.

    На 17 јули 1967 година, на Третиот црковно народен собор, одржан во Охрид во древната катедрала на охридските архиепископи „Св. Софија“ е обновена и древната Величка епархија со седиште во Охрид. Само после една година, на одржаниот Црковно народен собор на 17 октомври 1968 година, со одлука бр. 538, древната Величка епархија е преименувана во Дебарско-кичевска епархија, повторно со седиште во Охрид. Правилноста на одлуката на соборјаните со преименувањето на името на епархијата, е потврдена со нејзиното живеење во изминатите четири децении. Во овој краток четириесет годишен период се постигнаа видливи резултати, во главно на градежен план. Од обновувањето на епархијата до денес изградени се околу 140 нови цркви и возобновени се повеќе манастири и манстирски конаци. Само во оваа година се осветени 6 нови цркви и 1 манастирска црква, 3 манастирски конаци и 11 осветувања на камен-темелници за нови цркви. Покажан е значителен резултат и во нашите манастири. Кога е обновена , во 1967 година, во епархијата имало само 1 манастир со 2 монахињи, и тоа токму овој, во кој го одбележуваме Јубилејот, а денеска имаме 7 живи манастири, од кои 4 машки и 3 женски. Нивниот број скоро десет пати е поголем. Што се однесува, пак, до парохиското свештенство имало само 4 свештеници со богословско образование, а останатите биле без никакво богословско образование, додека денеска немаме свештеник без средно богословско образование а имаме повеќемина со високо факултетско богословско образование.

    Во Македонската православна богословија од епархијата имаат завршено повеќе од 50 богослови, од кои многумина се наоѓаат на значајни функции во Македонската православна црква, каков што е случајот со сегашниот декан на Богословскиот факултет, секретарот на Скопската епархија, сметководителот на АУО и многу други. Минатата година во богословијата имаше 11 ученици, од кои 2 беа исклучени, а сега имаме 10 ученици. На Богословскиот факултет имаат завршено повеќемина, додека с# уште студираат околу 15 студенти, како и еден кој студира на духовната академија во Русија, и еден на постдипломски студии во Даблин, Ирска. 

    Религиозно моралната состојба на нашите верници се движи во нагорна линија. Нашите епархијани ја држат и почитуваат православната вера, која што и понатаму треба да ја продлабочуваат со знаење. Од сите обреди најповеќе се почитуваат домашните празници и погребите. Славите а и погребите понекогаш добиваат и поинакво значење од вистинското прославување на светителот или испраќање на покојниот - се претвораат во гозби. Во црквите во нашата епархија забележителен е интересот за црковниот живот особено на нашата младина. Од тие причини повеќе години, во една од охридските цркви се одржува верска поука во неколку групи, секојдневно се одржува радио час, а повремено и телевизиски час. Епархијата, од 1990 година, оформи и издавачка куќа „Канео“ каде што се издадени над 100 наслови. Се издава и годишен алманах „Светиклиментово Слово“ со дидактички, образовен и информативно-културен карактер, с# со цел за правилно осознавање на нашата православна вера. Би сакале да го истакнеме и моралниот лик на нашите верници, дека во последно време скоро и да нема некрстено дете, а венчавките се во с# поголем број, а скоро и да нема погреби без црковен обред. Годишно забележуваме околу 7 самоубиства, од кои за 3 е дадено диспензација за погреб со претходен медицински наод. По однос на црковните разводи годишно се забележува раст. Оваа година имаме пет случаи кои побарале црковен развод. И покрај овие афирмативни согледувања и презентации, ни остануваат 2 манастира за обновување, како што се: „Св. архангел Гаврил“ кај Манастирски Анови, кој е запален од страна на балистите во 1942 година, манастирот „Свети Стефан“ во Охрид, како и ставање во права функција на манастирската црква во манастирот „Света Богородица Заумска“ и градба на конак.

    Сето ова претходно кажано, потврдува дека оваа епархија претставува универзална совест на севкупниот македонски црковен живот.

    По повод овој Јубилеј би сакале да дадеме еден статистички податок за тоа колку села, цркви, манастири и жители се наоѓаат во состав на Дебарско-кичевската епархија и колку треби се извршени во минатата година.

    Вкупно, во Дебарско-кичевската епархија има 262 села, од кои 179 се чисто христијански, 20 со мешано население и 63 чисто муслимански села.

Вкупно население 228 060 жители од кои 110 229 се македонци и исламизирани македонци, 82 855 албанци и 24 095 турци. По верска основа околу 90 000 православни жители, 11 000 исламизирани македонци а остантите се муслимани и незначителен број на секташи.

Дебарско-кичевската епархија вкупно зафаќа 3565,1 км², односно 35 651 000 м².“

 

  

 

       

 

 

 

                                  

 

 

 

      

 

 

 

            

 

 

                          

 

 

известува: о. Игор Никовски