Митрополит Лаврентиј: Продолжува дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ (28.10.2007)
Дијалогот помеѓу Српската и Македонската Православна Црква продолжува и тој напредува, изјави вчера во Охрид Лаврентиј, Mитрополит шабачко-ваљевски, јави дописникот на Макфакс.
„Проблемот помеѓу Српската и Македонската Православна Црква се решава во рамки на комисии кои ги имаат оформено двете Цркви. Тие работат на зближување и ако даде Бог се надеваме сите со добра волја, дека ќе се врати љубовта помеѓу двете Цркви како што беше некогаш“, рече Митрополитот Лаврентиј.
„Македонскиот и српскиот народ се два најблиски народи од сите словенски народи, соседи сме, јазиците и традицијата ни се слични и грев би било да ни е поблизок некој од северна Европа отколку нашите браќа по вера, затоа се надевам и му благодарам на Бога бидејќи дијалогот помеѓу двете Цркви е продолжен“, додаде Лаврентиј.
Според него СПЦ и МПЦ немаат теолошки, туку практичен проблем во кој свое влијание имала и политиката.
Извор: Макфакс