Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечена духовна академија (29.10.2007)

По повод 40-годишнината од обнововувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква и 15-годишнината од формирањето на МПЦО „ Св. Злата Мегленска“, на 27.10.2007 година се одржа Македонска духовна академија.

Поздравни слова до присутните претставници на Македонската Амбасада, Заедницата на Македонците, Македонските асоцијации, претставниците на Католичката црква и до верниот народ изнесоа: г-ѓа Стојанка Тежак, претседателка на УО на Црковната општина, протоереј Кирко Велински, парохиски свештеник и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски г. Пимен.

Книгата „Огнена река“ од Александар Каломирос, преведена и отпечатена во издание на Македонската Православна Епархија за Европа, ја промовираше Игор Миланов, пост-дипломец на Филозофскиот факултет во Загреб.

Во оваа прилика г. Пимен на протоереј Кирко Велински му остави духовно да ја води парохијата во Р. Хрватска, на неодредено време.

Неговото Високопреосвештенство г. Пимен подели пофалници на УО на МПЦО „Св. Злата Мегленска“, на директорот на „Алкалоид“ во Загреб, г. Невен Сукаровски, на г. Милутин Ѓорѓевски и г. Ѓорѓи Трајков.

Во музичкиот дел од програмата настапи вокалната група „Моми бисерни“ при Македонското културно друштво „Охридски бисер“. Низ програмата нѐ водеше г-ѓа Марија Георгиева - Петриќ.

 

             

 

            

Слово на Митрополитот европски г. Пимен произнесено на свечената академија:

 

„Возљубени во Христа браќа и сестри,

 

За животот и храброто исповедање на верата и маченичката смрт на нашата заштитничка, св. Злата Мегленска и за тоа дека треба да се угледаме на нејзиниот пример, сме зборувале повеќепати. Затоа овојпат би прозборел за јубилејот на нашата Светиклиментова Православна Црква.

Верувам сите знаете дека оваа година МПЦ прославува 40-годишен јубилеј. 40 години од  возобновувањето на древната Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Овој јубилеј и достојно го одбележавме годинава во Охрид, во катедралата на охридските Архиепископи, во Света Софија. Овој јубилеј достоен за чествување го прослави и секоја епархија на МПЦ посебно. И ние како Европска епархија се приклучивме кон ова чествување. Славевме во Тринген, Швајцарија, каде што Црковната општина св. Наум Охридски исто така славеше 15-годишен јубилеј. Се постави камен-темелник за изградба на нов православен храм. Оваа година и оваа Црковна општина слави 15 години од своето формирање. Овојпат нема да прославиме со поставување на камен-темелник, но можеме да се пофалиме со она што сите хрватски медиуми деновиве го пренесоа, со ветувањето од страна на градот дека во скоро време можеме да рачунаме на отпочнување на градба на наш македонски православен храм тука во Загреб.

Ќе биде неблагодарно ако заслугата за ова си ја препишеме на нас како свештенство, на овој Управен одбор, на овие генерации. Заслугата е и на сите оние луѓе кои биле овие 15 години активни во Управните одбори и црквата. Заслужни се секако и сите оние Македонци кои живееле на овие простори и оставиле добар впечаток на хрватското друштво...“

 

известува: Стојанка Тежак