Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Самопрогласени исцелители и гатачи ја богохулат светоста на храмовите (03.11.2007)

Сите имаат слична приказна дека сониле да изградат црква, да откријат света вода или дека добиле дарба да претскажуваат, а потоа ги принудуваат да им носат дарови или пари

„Баба изгради црква затоа што тоа се исплаќа!“ Вака еден верник иронично го објаснува трендот на сè поголемиот број дивоизградени објекти, што градителите ги прогласуваат за свети места и во нив вршат обреди надвор од надлежностите на
Црквата и православните канони. На овие места, како и на други со „свети води“ или во своите домови, голем број гатачи, бајачи и самопрогласени исцелители ги мамат луѓето што кај нив бараат помош за својата мака, а услугите дебело ги наплатуваат.

Свештениците од Кривопаланечко остро се спротивставуваат на ваквата манипулација со верниците и велат дека нема село во кое нема некој што „растура магии, исцелува, самопрогласува цркви...“

- Поединци ќе изградат сопче, ќе стават внатре икони и ги прогласуваат за светилишта. Обичната вода кажуваат дека е света, иако ја носат во туби од своите домови, а ако им снема, велат „Господ ја затворил“. Во селото Мождивњак еден ваков објект е изграден до самата црква „Света Троица“, на црковен имот. Овие неверници се за најголема осуда, ја богохулат светоста на
Црквата и ги погазуваат најголемите христијански завети - вели архијерејскиот намесник, протојереј ставрофор, Добрислав Бошковски.

Сите тие, објаснува Бошковски, кажуваат слична приказна, дека на сон им се прикажало да изградат црква на одредено место или да откријат некоја света вода или дека во еден момент добиле дарба да гледаат и да претскажуваат. Со тоа страдалниците ги принудуваат да им носат богати дарови или пари. Во Кривопаланечко најмногу ги има во селата Конопница, Мартиница, Станци, Ранковце, а последните години најпопуларно е „светилиштето“ во селото Ветуница.

- Три обични извори од кои се напојувал добитокот, две лица, едното од Скопје, а другото од Лесковац, ги покриле и ги прогласиле за „свети води“. Сега за полнење наплаќаат по 300 до 400 денари, плус услугите за „исцелувањето“. Гледаат само во недела, кога и се слободни да доаѓаат, а тогаш има и по 50 возила во кои кутрите луѓе чекаат на ред. Јас лично видов кога донесоа еден камен со дупка во средината, кажувајќи дека со него се растураат клетвите - тврди верник од Кривопаланечко.

Свештеникот Бошковски нагласува дека најопасни се оние гатачи што со својата „видовитост“ создаваат раздор во семејствата и меѓу луѓето.

- Им кажуваат дека свекрвата, снаата, братот или соседот им има направено нешто лошо, со што ги нарушуваат добрите односи, предизвикуваат караници, па дури и физички пресметки. Наместо да шират љубов и човекољубие, тие хулат на Бога - вели Бошковски.

Тој вели дека овие бајачи и исцелители од секаде се поврзани меѓу себе и по договор ги упатуваат верниците во сопствените „светилишта“ за да стекнат материјална корист.

- Друго е кога некој верник ќе изгради храм, но потоа го предава во владение на
Црквата. А не може некое обично сопче, без олтар, ние да го осветуваме, а во него да се проповеда богохулие - подвлекува Бошковски.

- Ваквите неверници ги прелажуваат слабите во верата. Најопасно е кога нешто точно ќе им претскажат. Можеби физички и ќе ги залечат, но им ја разоруваат душата. Тоа се ѓаволски работи - вели Алексовски.

Жаклина Цветковска

Извор: Дневник