Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Турнир во мал фудбал (22.11.2007)

Денеска, во салата на спортскиот центар „Истатов“ во Нов Дојран се одржа турнир во мал фудбал помеѓу екипите на епархиите на Македонската Православна Црква во организација на Струмичката епархија. На турнирот заслужено победи екипата на Преспанско-пелагониската епархија која во финалето ја совлада екипата на Струмичката епархија со резултат од 3:2. Во борба за трето место, екипата на Повардарската епархија ја победи екипата на Скопската епархија. После турнирот сите екипи седнаа на братска трпеза во хотелот „Истатов“. Домаќин на следниот турнир ќе биде Преспанско-пелагониската епархија.

Во отпусното слово после вечерата, Митрополитот струмички г. Наум истакна дека иако секоја екипа треба да се труди да победи сепак најважно од сѐ е заедничкото дружење затоа што во тој случај победата ќе биде на МПЦ. Оваа победа на нераскинливата заедница ја докажуваме и покажуваме со секоја наша средба. Тој им се заблагодари на сите присутни за нивното присуство на турнирот и се извини за евентуалните пропусти во организацијата. Меѓу другото, Владиката рече дека сите ние се молиме да биде Божјата волја и дека исполнувањето на Божјата волја е нашата вистинска храна, а не нашите идеи за себеси и нашите амбиции за победа, особено не кога тие се однесуваат на неважни работи. Понекогаш Бог со неважни порази нѐ проверува дали Неговата света волја е наша храна или нешто друго. Затоа што, ако во мало се покажеме неверни како ќе ни го даде големото...? А што е тоа што го нарекуваме неважно? Сѐ освен Него е неважно. Како што вели свети апостол Павле: Во суштина, јас и сега сметам сè за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сè и сè сметам за отпад, за да Го придобијам Христа (Фил. 3, 8).