Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Крушево, Божествена Литургија (24.11.2007)

Денес, во црквата на Пресвета Богородица во Крушево, за покој на душата на чедото Божјо Тодор, Божествена Литургија отслужи Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар и Епископот хераклејски г. Климент. Потоа, беше отслужен и парастос на гробот на Тоше Проески.

                   

 

            

 

      

„Ова што се случуваше во изминатите 40 дена меѓу сите генерации на Балканот, па и пошироко, е потврда за тоа кој беше и особено каков беше Тоше. Од моментот кога се слушна трагичната вест и во сите овие 40 дена во солзи и воздишки по Тоше е цела Македонија“, рече во беседата, поглаварот г. г. Стефан.

Тој истакна дека смртта на Тоше внесе неизмерна тага и жал во душите на илјадници почитувачи на неговиот глас и на неговите добрини.

„За жал требаше да се случи тоа што се случи за да разбереме кого сме имале, а Тоше беше редок и исклучителен човек, кој ги освои луѓето и со гласот и со својата човечност“, рече поглаварот на Македонската Црква.

Почит на трагично загинатиот Тоше Проески денеска му оддадоа членови на неговото семејство, роднини и илјадници граѓани од цела Македонија, како и голем број на негови почитувачи од странство.

Семејството на Тоше, во консултации со Македонската Православна Црква, ќе одлучи за идното решение за неговото вечно почивалиште.