Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Живот за Бога и луѓето (26.11.2007)

Нажалено семејство, роднини, колеги и пријатели, соседи и сограѓани, и сите вие што дојдовте од сите страни на Македонија и на Балканот и сите почитувачи на Тоше,

            Еве нѐ пак во Крушево, на Гумење - на местото каде што пред 40 дена се простивме од Тоше - од неизмерно саканиот и почитуван од сите, од момчето - пејач со ангелски глас и со благочестива душа. Дојдовме на местото на солзите и воздишките и во градот на македонската тага - некогашната поилинденска и сегашнава по Тоше.

            По учењето на Светата Црква, во 40-те дена по смртта, особено е потребно постојано да се молиме за упокоените, зашто токму во тој период душата на секој починат ја следат посебни испитанија.

            Утрово, во храмот “Света Богородица” отслуживме света Литургија и парастос за покој на душата на Тоше. Му се помоливме на Севишниот и Сезнајниот Господ да ја насели неговата благородна душа меѓу праведниците. А на Тоше, веруваме - таму му е местото! Човекот, кој додека беше жив, живееше со Бога и за Бога, тој со Бога е и по своето упокојување. - “Блазе си му на праведникот зашто ги има плодовите од своите дела” (Иса. 3, 10), ни посведочува пророкот Исаија. А Тоше има многу дела и многу плодови! Тој живееше со Господа и оправдано го заслужи венецот на животот (сп: Откр. 2, 10) и местото меѓу праведниците.

            Возљубени,

            Ова што се случуваше во изминативе 40 дена, меѓу сите генерации на Балканот, па и пошироко, е потврда за тоа кој беше и, особено, каков беше Тоше. Од моментот кога се слушна трагичната вест и во сите овие 40 дена во солзи и воздишки по Тоше е цела Македонија: по него плачеа и сите што го познаваа или што слушнале за него. Да се потсетите: при неговото погребение како да имаше покоен во секој наш дом! Смртта на Тоше внесе неизмерна тага и жал во душите на илјадници почитувачи на неговиот глас и на неговите добрини. За жал, требаше да се случи тоа што се случи, за да разбереме: и во државата, и во Црквата, и во Крушево, и меѓу младите и меѓу возрасните - да разбереме насекаде и сите - кого сме имале!

            А Тоше во многу, дури и во сѐ, беше исклучителен, беше редок: и како пејач - со вонредни уметнички квалитети, и како личност - со ретко добротворство. Тој ги освои луѓето и со гласот и со својата човечност! - Колку само човекољубие и богољубие, колку хуманост, радост и оптимизам ширеше со неговата интерпре­тација. Колку испеал и особено за кого сѐ пеел и за какви цели во овие негови десетина уметнички години?! Затоа, и не е чудно што во сите овие 40 дена не пресушија солзите, не згаснаа свеќите и не овенаа цвеќињата на неговиот гроб. Секојдневно, кон Крушево и од Крушево, во колони доаѓаа и се враќаа оние што сакаа од близу да му оддадат почит.

            Еве, и денес, овде дојдените, како и оние што се спречени и не се во можност да дојдат - сите сме со саканиот Тоше! А тој тоа го заслужи: со љубовта што ја имаше за сите, со хуманоста со која им помагаше на многумина, со еден збор - со сето свое дело Тоше го заслужува тоа. Со тие украси на својата личност, тој си изгради споменик: со песната и дарбата од Бога, пред луѓето, а со верата и делата - манастирот “Свето Преображение” - пред Господа! За него и на овој ден и на ова место ќе речеме дека за трудот свој заслужи вистински спокој (сп: Мудр. Сир. 51, 33), зашто “нѐ сакаше сите” и особено не пропушташе да Го прославува Бога (сп. Мудр. Сир. 51, 37).

            Почитувани родители,

            На вас, и овде на гробот на Тоше, ќе ви речам од името на сите - не е случајно и без промисла што токму вам Бог ви го даде да го имате; ви благодариме за родителската грижа, за човечноста што ја имате и што му ја всадивте; за побожноста што, имајќи ја вие, му ја пренесовте и нему!

- Човек може да учи од многу учители, но најмногу научува од родителите! Домашното училиште е најпрво и најголемо! Вам, на неговите родители, ви припаѓаат најголемите заслуги за човекољубието и богољубието кај Тоше. Само родители како вас можеа да ги повторат зборовите на праведниот Јов: “Господ ни го даде, Господ ни го зеде... Нека е благословено името Господово!” (Јов 1, 21).

            Да се помолиме сега и да Го молиме Господа, Праведниот Судија, да ја насели неговата душа меѓу праведниците! Нека му е вечен споменот! Бог да го прости!