Интервју со Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан во Струмица (28.11.2007)
СТРУМИЦА - Тоше заслужува секаква почит и признание од нашата црква и нашиот народ за сето она што го направи за неговите кратки години, изјави поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, вчера во Струмица.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Тоше Проески ќе биде прогласен за светител, тој рече: „Прогласувањето на светител во православната црква се врши по една процедура и критериуми кои се установени во црквата Христова и никој однапред не може да каже за некого дека ќе биде прогласен или нема да биде прогласен. Треба да помине и време“, изјави поглаварот на МПЦ.
Според г.г. Стефан последниот збор околу идејното решение за изградба на гробница на Тоше во Крушево треба да го имаат родителите, бидејќи нивните размислувања што му ги соопштиле на последната средба се разликувале од тоа што е предложено. Притоа, тој рече дека треба да се остави времето да покаже што ќе изберат родителите за трајно обележје на покојната мега-ѕвезда.
На средбата со новинарите во Струмица поглаварот на МПЦ искажа загриженост за намалениот наталитет кај Македонците. „Православната црква го кажала својот став околу тоа прашање, околу абортусот, но сметам дека уште едно прашање треба да не' загрижува: нискиот, малиот наталитет меѓу нашиот народ“, рече тој, додавајќи дека сите треба да бидат загрижени - и црквата и семејствата. „Се намалуваме како народ, а тоа прашање е за секого од нас, не само за црквата туку за секое семејство, за секој Македонец, без разлика каде живееме“, додаде г.г.Стефан, кој вчера началствуваше со празничната литургија во црквата „Свети Григориј Палама и свети Димитриј“ во Струмица. (С.Т)
Извор: „Утрински весник“
Црквата допрва ќе анализира дали Тоше Проески може да биде прогласен за светител, но нема дилема дека бил голем хуманист и верник.
- Прогласувањето светител во православната црква се врши според востановена процедура и критериуми и никој однапред не може да каже дали некој ќе биде прогласен за светител. Треба да помине време, а Црквата да даде оценка - изјави поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан по вчерашната празнична литургија во Струмица, посветена на свети Григориј Палама и светиот апостол Филип.
Според поглаварот Стефан, за Тоше Проески се знае колку бил богољубец, колку им помогал на сиромашните и на тие што имале здравствени проблеми.
- Тој е човек што навистина може да биде пофален за неговиот богоугоден живот. Еве изгради и манастир на падините покрај Крушево, што навистина мора да бидат респектирани и од црквата наша и од верниците и од сите што ги почитуваат вредностите што остануваат во нас. Тоше заслужува секаква почит и признание од нашата црква и од нашиот народ за се' што направи во својот краток живот - рече г.г. Стефан.
Охридскиот и македонски архиепископ потврди дека родителите на Проески имаат поинаква замисла за трајното обележје на Тоше од тоа што е предложено, така што конечното решение е неизвесно.
(Р.Т.)
Извор: „Дневник“