Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Ќе се спасува фрескописот во црквата на Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид (03.12.2007)

Непроценливо вредниот фрескопис во Света Богородица Перивлепта, што се уништува, наместо нашите институции, ќе го спасува Светскиот фонд за заштита на споменици од Њујорк, кој оваа охридска црква од 13-от век ја стави меѓу 100-те најзагрозени светски богатства во Програмата за заштита во 2008 година.

Фреските во црквата, што меѓу охриѓани е позната како црква на Свети Климент, се во врвот на светското византиско наследство, чие откривање кон средината на минатиот век беше светска сензација.

И покрај тоа, државата си поигрува со нејзината заштита, вели владиката Тимотеј.

„Стално прават некои елаборати, а фрескоживописот пред очите на целокупната културна јавност пропаѓа. Дали е тоа намерно или е нестручно или е не знам од какви се не побуди, но се добива впечаток дека наместо да ги заштитуваат, тие ги уништуваат“, изјави г.Тимотеј, митрополит дебарско-кичевски.

Дебарско-кичевската епархија, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и општина Охрид, за заштита на Перивлепта бараат донација од 210.000 американски долари.

„Од 1965 година наваму оваа угледна организација преку своите програми има инвестирано скоро 50 милиони долари во заштита на светското културно наследство, а само во 2006 година инвестирани се околу 17 милиони долари“, рече Стојан Савески, номинатор на објектот.

Црквата Света Богородица Перивлепта сега чека на финалната одлука за доделување на светскиот грант за заштита, со што конечно би се спасиле од пропаѓање познатите фрески на зографите Михајло и Евтихиј, кои според експертите, ренесансната уметност во Охрид ја донесоа далеку пред таа да се појави во Италија.

Извор: А1 Телевизија