Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во соборниот храм во Скопје (08.12.2007)

Денес, во соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје, по повод одбележувањето на патронот на Црквата – Свети Климент Охридски, Архиерејска Божествена Литургија отслужи Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со архиереите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква: Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот струмички г. Наум, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Митрополитот брегалнички г. Иларион, Митрополитот Горазд и Епископот хераклејски г. Климент. На Литургијата покрај многубројниот верен народ присуствуваа вицепремиерот Зоран Ставрески, членови на Владата и претставници на локалните власти и научно-образовните институции.

После Божествената Литургија, по повод патрониот празник Свети Климент Охридски и 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква пред соборниот храм во Скопје беше откриен и осветен споменик на архиепископот Доситеј, првиот поглавар на МПЦ. Споменикот на архиепископот Доситеј го изработи скулпторот академик Томе Серафимовски. 
 

 

 

 

 

 

 

 

 

      

 

      

 

      

Слово на Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, изговорено на откривањето и осветувањето на споменикот на архиепископот Доситеј во дворот на соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, на 8 декември 2007 година.

 

„Браќа архиереи и сослужители,

господине Потпретседателе на Владата на Република Македонија,

господине градоначалник на Скопје,

господо академици,

почитувани почитувачи на свети Климента,

на Архиепископот Доситеј и на нашата Света Црква,

 

Возљубени во Господа, 

Она што неколку години беше желба – на возобновителот на Охридската Архиепископија и прв поглавар на Македонската Православна Црква, блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, да му подигнеме споменик како благодарност за неговото рамноапостолско дело, еве, денес е вистина. 

Сезнајниот Господ, по молитвите на свети Климента, така благослови – на вчерашниот ден – 7 декември, на денот кога се наполнија 101 година од неговото телесно раѓање, да се постави неговиот споменик, со што најдобро ќе продолжи да живее и постојано ќе биде присутен неговиот спомен, преку прекрасно изработениот споменик, поставен овде - пред храмот на Свети Климента, чиј трон пред 40 години го возобнови токму тој – Архиепископот Доситеј. 

Божјата Промисла сакаше, еве, и откривњето и благословувањето на споменикот да се случи токму на празникот на Свети Климент и во годината кога чествуваме четири децении возобновена автокефалност на нашата древна Охридска Архиепископија како Македонска православна црква.

 

Возљубени, 

Овие двајцата архиепископи, свети Климент и блаженоупокоениот Доситеј, се личности за радост во Македонската Православна Црква. Свети Климент е основоположникот на Охридската Архиепископија, а блаженоупокоениот Доситеј е нејзин возобновител во Македонска Православна Црква. За оние кои недоволно го познаваат ликот и делото на првиот поглавар на МПЦ и, особено, идните наши генерации, овој споменик ќе им биде како отворена книга и постојана проповед за тоа кој бил архиепископот Доситеј и какво место му припаѓа во поновата историја на македонскиот народ. 

За него е речено дека е “втор свети Климент” и “Мојсеј на нашето време”, за македонскиот народ и Црква. И навистина, во далечната 1958 година, кога на Вториот Црковно-народен собор во Охрид е избран за Поглавар на обновената Охридска Архиепископија, се исполнила желбата и на последниот архиепископ Арсениј и на сите кои го чувале споменот или се обидувале да ја возобноват неправедно укинатат древна Охридска столица. А со одлуката на Третиот црковно-народен собор од 1967 година, кога е возобновена и автокефалноста на Охридската Архиепископија – уште повеќе се сфатило значењето на родољубивиот подвиг што го направил епископот Доситеј, враќајќи се во Македонија за да му помогне на својот народ.  

За оние кои не ги знаат биографските податоци на архиепископот Доситеј, треба да се знае дека е роден во Маврово 1906 година, дека се замонашил спроти Благовештение во 1924 во манастиот Света Богородица – Пречиста во Кичевско, дека завршил Битолска богословија во 1937 година и Богословски Факултет во Белград 1942 година, од 1946-та бил поставен за управник на Патријаршискиот двор во Сремски Карловци, а во мај 1951 година бил избран за епископ и на 22 јуни хиротонисан за викарен епископ на Српскиот Патријарх... Во октомври 1958 година, на Црковно-народниот собор во Охрид, бил избран за Поглавар и возобновител на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква. Оттогаш, па сѐ до упокојувањето на 20 мај 1981 година, раководел со Македонската Православна Црква. Под неговото раководство се оформил Светиот Архиерејски Синод, се организирала Црквата, се зголемиле епархиите, се отвориле Богословијата и Богословскиот факултет. Со еден збор, целосно се возобновил животот на нашата света Црква.

 

Возљубени, 

На овој ден и од ова место, од името на Македонската Православна Црква, сакам да му заблагодарам на г. Трифун Костовски, градоначалник на Скопје, кој ја донираше изработката на овој споменик. Тој е ктитор – возобновител на Пресвета Богородица, старата катедрална црква на Скопје, која е во завршна фаза, дарител на возобновениот јужен конак во Бигорскиот манастир и помагач на многу цркви и манастири, а еве, и ова дело целосно е негово дарение, за што најсрдечно му благодариме.

Исто така, благодарност искажуваме и кон академикот Томе Серафимовски, нашиот врвен скулптор, чии вредни раце го изработија овој споменик. Почитуваниот академик, чии дела, како што се спомениците на свети Кирил и Методиј и свети Климент Охридски на плоштадот во Охрид, споменикот на свети Кирил и Метоиј пред Светосавскиот храм во Белград, споменикот на мајка Тереза во Скопје и Нинберг, иконостасот на црквата Свети апостол Тома во Зубовце и многу други, со ретка љубов и внимание му пријде при изработката и на ова дело и со исклучителна прецизност до детали ги изработи потребните специфики на ликот на архиепископот Доситеј.  

Му благодариме и на господинот Таип Муратовиќ кој го даруваше гранитот за постаментот. Ви благодариме и на сите вас што дојдовте заедно да го чествуваме патрониот празник и откривањето на овој импозантен споменик на архиепископот Доситеј.

Нека му е вечен споменот на првиот Поглавар на Македонската православна црква и дај Боже достојно да продолжиме по неговиот и Светиклиментов пат. Амин!“

 

Известува: Калина Трпеска