Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Струмица (11.12.2007)

Денес, на празникот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, во црквата на овие Светители во Струмица, а во присуство на многуброен верен народ, Архиерејска Божествена Литургија отслужи Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со надлежниот Митрополит струмички г. Наум, Митрополитот повардарски г. Агатангел и Митрополитот европски г. Пимен.

 

      

 

      

 

      

На Литургијата Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј одржа беседа, во која рече:

„Молитвата е разговор на човекот со Бога. Човекот што верува, живее со молитвата. Оној што не верува во Бога, тој и не чувствува потреба да се моли. Човекот за да се моли потребно е правилно и потполно да верува во постоењето на Бога. Дури потоа може да воспостави „блисок контакт“, по пат на молитвата со семоќниот Бог; да води духовен разговор по пат на молитвата. Тој однос треба да биде нешто сличен на односот на пријател со пријател, роднина кон својот роднина, брат со брата, послушни деца со родител. Молитвениот однос се искажува со мисли, зборови, постапки – дела: со внатрешно погледнување во душата и срцето. За одржување на „контактот“ се користи говор – зборови. Со размислување – внатрешно и со молчење се воспоставува жив допир, кој предизвикува неизмерна радост во душата на оној кој на таквиот начин заедничари – разговара со својот Творец.

            Го запрашале еден светител, што тој прави кога сам седи многу часови во храмот, не зборувајќи ништо и со никого. Овој му одговорил: Јас гледам во Бога, а Он гледа во мене, и ние така разговараме, и за двајцата е убав таквиот разговор. Тоа е и правиот однос на човекот кон Бога, бидејќи тој непосредно зборува со Бога, соучествувајќи и со оние кои се околу него во заедничкиот молитвен разговор со Бога. Тоа е најдобриот начин на молитва. Молитва со зборови без внатрешна активност е празна, непотполна. Псалмопеачот Давид повикува кон Бога: Господи отвори ми ја устата и таа ќе Те фали.

Во Светото Евангелие запишано од светиот апостол Матеј, се сретнуваме со еден посебен начин на молитва. Имено, мудреците од Исток, дошле да се поклонат на Витлеемскиот Младенец и наоѓајќи Го во јасли во пештера, Му се поклонија, па отворајќи ги своите ризници Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна, со тоа покажале најсовршен облик на молитва во созерцание и трепет.

            Во црковната литература често се зборува за молитвата дека таа е возбудливо патешествие. Интересно е да се молиш на Бога. Се сретнуваме со Бога и го наоѓаме патот на духовниот живот. Но тој пат е прилично и ризичен. Светиот апостол Павле вели: Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог! (Евр. 10, 31). Ако ние сакаме да се приближиме кон Бога со вера и љубов, тогаш помеѓу нас нема растојание, бидејќи Бог преку нашата вера и љубов се приближува до нас. Ако ние стоиме пред Него во оклоп на гордост, самоувереност, таквиот наш став нѐ одалечува од нашиот Творец Бог, како што сатаната ги одалечил нашите прародители измамувајќи ги. Секогаш кога се доближуваме кон Бог, ние се поставуваме пред живот или пред смрт. Живот имаме ако пристапуваме кон Него со вистинска молитва, свесни од една страна за нашата недостојност, а од друга страна свесни за неговата светост, и праведност; а пред смрт, ако не пристапуваме кон Него со скрушено срце. Потребно е во нас стариот Адам да умре. Додека сме во незнаење не се бара од нас одговор, а кога знаеме тогаш сме одговорни.

            Во молитвата мораме да постапуваме со стравопочитување кон Бога. Должни сме да Го прославуваме Бога и во телата и во нашите души, бидејќи и нашите тела се повикани, како и душите, во славата на царството Божјо. Затоа свети апостол Павле порачува: Прославете Го Бога во своите тела и во своите души (1 Кор. 6, 20). Многумина од нас не сметаат дека молитвата е толку важна и значајна, дека сѐ друго треба да оставиме на страна, и на молитвата да ѝ дадеме предност. Некои молат да им се даде можност да постигнат среќа, според човечкото разбирање. Ако принесуваме молитви со таква содржина нема да се сретнеме со Бога. Молитвата мора да ја има за своја цел соработката со Бога заради соединување со Него, да станеме добитници на Божјата правда и вистина. Потребно е пред сѐ да се љуби својот Господ Бог со целото свое битие, а исто така и својот ближен како самиот себе.

            Пријатна и радосна е секоја средба со пријател, со познат човек, особено оној кого го почитуваме и цениме; дури самата помисла на него ни причинува, на извесен начин, задоволство во нашата душа. Дотолку повеќе и самата помисла на Нашиот Отец, а посебно топлата и срдечна молитва, во која се сретнуваме со Бога, раѓа во нашите срца и души неизмерна радост и душевно задоволство.

Прославувајќи ги денес светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, да се сретнеме прво со нив и да ги помолиме тие да бидат наши покровители и молитвеници пред Бога за подостојно да се сретнеме со нашиот Господ Исус Христос. Да измолиме: мир, здравје, радост и напредување во верата православна со правење на добри дела за да го добиеме ветеното царство што Господ го подготвил за сите оние што вистински Го прославуваат и Го почитуваат. Светите Петнаесет нека ни се на помош на сите, сега и во сите векови. Амин!“