Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид, Архиерејска Божествена Литургија (17.12.2007)

На 16.12.2007 година во катедралниот храм на Охридските архиепископи Света Софија, се одржа Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен и Митрополитот Брегалнички г. Иларион, и во сослужение на голем број свештенослужители.

 

                

Поводот за соборната архиерејска служба во Света Софија беше промоцијата на книгата ЈУБИЛЕЕН ЗБОРНИК 25 ГОДИНИ МИТРОПОЛИТ ТИМОТЕЈ, во издание на Издавачката установа Канео при Дебарско-кичевската епархија.

На Светата Литургија со беседа кон верниот народ се обрати Митрополитот г. Иларион, а потоа за време на промоцијата на книгата свој говор одржаа Неговото Блаженство г.г. Стефан и академик д-р Цветан Грозданов. На почетокот на промоцијата на јубилејната книга своето учество го потврди и Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар.

Книгата Јубилеен зборник 25 години митрополит Тимотеј  е поделена на два дела, на вкупно 368 страници. За првиот дел промотивен говор одржа Неговото Блаженство г.г. Стефан, во кој говореше за содржината на книгата, првиот дел, во кој се опфатени биографијата, како и животниот пат на Владиката Тимотеј во епархиите со кои раководел, за градежната дејност и издаваштво во Епархијата. Односно, како што рече Неговото Блаженство за делото кое говори за делото на Владиката Тимотеј.

За вториот дел од книгата промотивен збор одржа академик г. Цветан Грозданов, кој се состои од 13 стручно-научни прилози од истакнати академци и научни работници, кои дадоа свој придонес во реализацијата на овој Зборник. Трудовите кои беа претставени пред сѐ се однесуваат на Дебарско-кичевската епархија, и опфаќаат теми од црквата Света Софија, Кнежинскиот манастир Св. Георгиј, Св. Георгиј во Струга, Свети Атанасиј во Ковач, повеќе истражувања во црквите од Струга и струшко, потоа новите откритија на Плаошник и во манастирот Сите Свети во Лешани, па до заедничките ликови на свети Климент и свети Сава во Долац, Србија и истражувањата за ранохристијанските споменици и мозаици.

 

Известува: свештеник Игор Никовски